Изложбата на Лудовико Елиа Персич од Венеција, Италија, и Ана Трајковска од Скопје, насловена „Идентитетски паралели“, ќе биде отворена утре, во 20 часот, во Културно-информативен центар во Скопје, во изложбениот салон „Империјал 2“.
Изложбата е дел од настанот „Уметник во престој“, кој е во рамките на европскиот проект „Креарт“, кој се одржува во КИЦ шеста година по ред, а е финансирана од Град Скопје.
Ана Трајковска ни се претставува со трилогија, слична на мала ретроспектива, во која критички се осврнува на круцијалните елементите за својот досегашен творечки развој. Оваа трилогија започнува со серијата „Почетоци“, која е објаснета веќе преку самиот наслов, нудејќи ни увид во нејзиниот ран фигуративен сликарски период, при што експресивниот колоритен гест е одраз на тогашните влијанија во кои асоцијативно доминира човекот што преку својата грчевита појавност, збунетост, напор, отпор го бара својот излез од позицијата на заглавеност во личните и колективните состојби. „Истражување“ е следната серија, во која авторката го евоцира периодот отворен кон асоцијативно апстрактни експерименти во творештвото, бегството од фигурацијата, насоченоста кон истражување нови сликарско-графички комбинирани техники во кои линијата, темната боја, графизмот, разните елементи со својата симболичност (принтови, матрица, тарот карти) добиваат улога на носители на значење. Последната серија „Градот убав“ е носталгично навраќање кон детството и, претставувајќи ја последната творечка преокупација кон целосно апстрактен израз и ослободување на објектноста (со елементи на реди-мејд), нуди нови наративи и индивидуални исчитувања на историјата на објектите во градот, идеализмот на нивното создавање наспроти запуштеноста, заборавеноста и конечната деструкција, но и пресоздавање преку авторска реинтерпретација. Во делата на Ана Трајковска бојата е постојано присутна од почетоците, а првичните мултиплицирани ликови и фигури сега се трансформираат во апстрактните фрагменти – боените фасадни плочки паднати од повеќекатниците на Скопје, пишува Маја Чанкуловска-Михајловска.
Лудовико Елиа Персич како појдовен момент во сопственото творечко истражување и презентирање користи две основни повторливи теми – автопортретот и лончето за кафе. Лончето за кафе, конкретно традиционалното октагонално италијанско „лонче“ за кафе, секојдневен употребен предмет, се восприема и како дел од италијанското културно наследство од 1933 година, но во случајов егзистира како метафора за уметничкиот процес, кој се одвива во повеќе последователни фази: основата со кафе во која се наоѓа базата на уметноста, идеите што се процесираат во мозокот како низ филтерот во средишниот дел, горниот дел ја носи симболиката на „готовото“ кафе, а самата фузија на креативниот процес, односно претставувањето на уметноста конечно финишира во шолјата за кафе преку која се консумира приготвената содржина. Понатаму тој ги продолжува своите истражувања на кафето како медиум (со сопствена структура, текстура и тоналитет), па дури и претставувањето различни перспективи на позицијата на лончето во мултиплицирани низи нуди асоцијации за безграничната игра на уметноста, при што ваквиот третман на продукт од консумеристичкото општество добива поинаква намена, употреба и контекст. Неговите автопортрети се израз на различни емотивни моменти, додека, пак, фигурите (автопортретни, со попартистички призвук) се сместени во амбиент во кој доминираат смиреност и опуштеност, како на опкружувањето така и на самата позиција на телото, кои во кохезија со доминантната сина боја одразуваат ефемерна, надреална, меланхолично-носталгична атмосфера за уметникот, кој контемплира за уметноста со шолја кафе и своето куче.
Лудовико Елиа Персич ја подигнува секојдневната предметност на поинакво контемплативно-медитативно ниво во релација со интроспекцијата и авторефлексијата, додека кај Ана Трајковска, пак, интроспекцијата се доживува како патека со рекогносцирање на творечкиот процес во сите лични развојни фази. Овие двајца автори се исклучително интересен креативен тандем бидејќи не само што презентираат две уметнички перспективи и сензибилитети туку тие се и сериозно посветени истражувачи, кои експериментираат со различни изразни и технички средства, и поседуваат длабоко посветен аналитички и критички однос кон интроспекцијата во различни контексти, пишува Маја Чанкуловска-Михајловска.
Лудовико Персич, италијански визуелен уметник, студирал графички уметности во средното училиште „Џовани Село“ во Удине. Потоа се стекнал со диплома по истата насока на Академијата за ликовни уметности во Венеција. Моментално посетува магистерски студии по конзервација на културното наследство и историја на современата уметност на Универзитетот „Ка’ Фоскари“ во Венеција.
Неговите главни интереси моментално се насочени кон постмодерната промена во западната свест, кафематите и автопортретите. Иако неговите уметнички дела тежнеат кон целосност и интегритет, Лудовико често ги остава фрагментирани, недовршени – како симбол на загубата на интегритетот на Западот по трагата на револуционерните емпиристички, егзистенцијалистички и постмодерни филозофи.
Ана Трајковска, која е родена во 1995 година во Скопје, е интердисциплинарна уметница. Дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Зоран Јакимовски. Работи како асистентка на Европскиот универзитет – Факултетот за арт и дизајн, а активно држи и часови по цртање и сликање. Нејзината уметничка практика е насочена кон експеримент во графичкиот медиум и неговата интеграција со други визуелни форми, трагајќи по нови начини на визуелна комуникација. Зад себе има неколку самостојни изложби.
Изложбата ќе биде отворена до 16 ноември.































