Бојан Секулоски, режисер на документарниот филм „Антипод“

  • Во ваков тип на експедиции нема полесен дел, знаејќи дека и при најмала грешка може да заврши фатално. Ризикот во Крштална е да се изгубите низ темните канали со вода во кои досега никој не бил толку далеку, а пак на Камена Баба да паднете од четириесетина метри. Меѓутоа тоа го прави овој филм еден од ретките, вели Секулоски

Документарниот филм „Антипод“ на режисерот Бојан Секулоски е документарец за Дарко Неданоски, кој си поставува еден посебен и единствен предизвик, во еден ден да сруши два ултимативни рекорди. Во еден ден да го направи најдлабоко спелео-нуркање во Крштална и фри-соло искачување на Камена Баба. Паралелно со него, во остварување на предизвиците се впушта со камерата и Бојан Секуловски. За тоа како потекнала идејата и како течело снимањето и исполнувањето на овие предизвици ни раскажува Бојан.
– Идејата се роди од тоа да се направи подвиг што досега не е направен, а паралелно со тоа и да се сними филм што досега не е снимен. Идејата беше да се спојат двата најекстремни спорта во едно филмско дело. Досега никој не бил подлабоко во Крштална и никој не се искачил фри-соло на Камена Баба и воопшто во Македонија. Желбата да се биде дел од ваква експедиција е сон на секој кинематограф. Ризикот и стравот беа присутни низ целата експедиција, меѓутоа желбата да се направи филм за да се покажат тие места и да се раскаже таа приказна беше многу поголема – ни споделува Секулоски.
Секулоски истакнува дека е неописливо чувството да се нурка во темни и тесни канали исполнети со вода и да се движиш во непознатото, знаејќи дека ти си првиот што воопшто го документирал тоа. Според него, физичкиот напор е поизразен од психичкиот во исполнувањето на овој предизвик.
– Психичкиот напор доаѓа и си оди, но физичкиот е присутен цело време. Дополнителен товар беше тоа што јас никогаш претходно не сум влегол во пештера со вода, ниту пак сум се качувал алпинистички на карпа – дополнува Бојан.
Логистиката е една од најтешките работи во процесот на креирањето на овој филм, каде што во еден ден се поставуваат два рекорда, особено во услови што се екстремни по животот во секоја секунда.
– Најголем проблем ни создаваа временските услови, затоа што на двете локации требаше да има перфектни услови, а тоа значи подолг период да нема врнежи и времето да не е претопло. Овие фактори беше речиси невозможно да се погодат во ист ден – објаснува Бојан.
Физичките подготовки им траеле неколку месеци.
– Физичката подготвеност мораше да биде на високо ниво, бидејќи и двата рекорда се на локации каде што неподготвен човек не би успеал ни еден метар да се придвижи. Во ваков тип на експедиции нема полесен дел, знаејќи дека и при најмала грешка може да заврши фатално. Ризикот во Крштална е да се изгубите низ темните канали со вода во кои досега никој не бил току далеку, а пак на Камена Баба да паднете од четириесетина метри. Меѓутоа тоа го прави овој филм еден од ретките не само по своите кадри туку и преку ризикот што го носи со себе самото снимање – подвлекува режисерот Секулоски.
Кога би се направила паралела, Секуловски појаснува дека потешко им било да ги документираат кадрите под вода во Крштална, кои биле во комплетен мрак.
– Тука голема улога играше и квалитетот на опремата, камерите и светлата за да можеме да ја доловиме таа убавина. Сега кога сѐ заврши супер, можам да кажам дека импонира фактот дека успеавме да снимиме филм за невозможното, филм што ги надминува човечките граници, и оние спортските и оние креативните. Публиката го кажа своето мислење со непрекинат аплауз на премиерата, тоа ни е најсилен доказ како го доживеала овој филм – дополнува Бојан.