Викендов во „Театар комедија“ – Скопје, за првпат во Македонија ќе се одржи интензивната актерска работилница „Крупен кадар на внатрешниот живот“ со светски признаениот актер, режисер и едукатор Хју О’Горман од САД. Настанот претставува единствена можност македонските актери и студенти по актерска игра да се запознаат директно со техниката на Михаил Чехов – една од најпрестижните и најтрансформативни актерски методологии, предавана од еден од нејзините водечки светски практичари.
Хју О’Горман има повеќе од четири децении искуство на „Бродвеј“, во Холивуд и на европските сцени. Неговиот пристап ја спојува имагинацијата со спортската психологија, овозможувајќи актерите не само да изградат посилни и послоевити ликови туку и да развијат ментална стабилност и внатрешна креативна сила – клучни алатки за филмската и ТВ-индустрија.
Покрај гостинот, на работилницата ќе предава и Слаѓана Вујошевиќ, актерка со богато искуство во театарот, телевизијата и филмот, глас на омилената Биби од анимираната серија „Светот на Биби“. Таа е единствен сертифициран тренер за техниката на Михаил Чехов во Македонија. Таа ја дополнува програмата со своето локално и регионално искуство, негувајќи ги автентичноста и психо-физичкиот развој на актерите.
– Навистина се радувам што ќе бидеме домаќини на извонредниот Хју О’Горман. За жал, кај нас не се одржуваат доволно едукативни актерски програми од ваков калибар, а токму тие се неопходни за младите актери. Ова е можност да се допрат методи и пристапи што во светот се сметаат за врвен стандард и да се внесе нова енергија и сигурност во нашата актерска сцена. Ова е само почеток на едно подолгорочно отворање на нашата средина кон современите актерски практики и создавање генерација актери што ќе бидат конкурентни и препознатливи и надвор од нашите граници – вели Вујошевиќ.
Работилницата е во организација на здружението „Ветра арт“ и продукцијата „Охо“, а е поддржана од Агенцијата за филм на Македонија, „Театар комедија“… Дел од учесниците се стекнаа со целосна стипендија за следење на обуката.
Со оглед на огромниот интерес кај актерите и студентите, организаторот најавува организирање идни работилници со светски признаени предавачи.