Кон театарската претстава „Пациенти“ на „Театар провокација“

Рецензија

Во преполнетиот „Салон 19,19“ на Културно- информативниот центар во Скопје, се случи прекрасен настан, премиерата на театарската претстава „Пациенти“ на „Театарот провокација“, во режија на Горѓи Ризески, во која маестрално играат нашите најпознати актери под ова македонско уметничко небо, Роберт и Мирјана Ристов. Овој театар е доказ дека талентот го трасира својот пат и бара да се искаже неприкосновено на штиците што живот значат. Тој е исткаен од конците на љубовта кон Бога, како благодарност за талентот на овие исклучителни актерски имиња. Актери што не престануваат да нѐ воодушевуваат и изненадуваат со нови и естетски совршени драмски игри. И не нѐ чуди фактот дека нивната популарност е сѐ поприсутна во регионот и тие трескавично, со својот талент како свое најмоќно оружје и страсната љубов кон театарот како свој втор дом, полека но сигурно ќе ја освојуваат европската и светската сцена.
Во претставата „Пациенти“, Роберт Ристов ја има главната улога на уметник и алкохоличар, во која уште еднаш докажа дека неговиот талент нема граници. Неговата сопруга во претставата и во животот, Мирјана Ристов, ја изнесе претставата на својот страстен, оригинален и маестрален начин, ѝ даде една посебна естетска боја. Улогата на докторот ни покажа дека, сепак, има надеж во младите што допрва доаѓаат во уметноста. Прекрасната фабула, која на самото место ни го отслика брачниот живот на секојдневието, полно со тајни и заблуди, полно со нереални приказни, нѐ натера сите да признаеме како и на кој начин живееме. Колку нашиот живот станал досаден и грозен. Живот што одамна останал празен, во темната бездна, неисполнета со една љубовно божествена песна. Натежнати од товарот на оваа илузија, како да не можеме понатаму.

Како секој за себе да ги крие омразата и непријателството кон најблискиот и како секој од нас да остана да живее во бракот што се случува помеѓу двајца непријатели, а кои секој миг можат да се истребат до смрт. Како моралниот пад и падот на вредностите и неможноста да ја кажеме вистината за себе да нѐ доведоа во ситуација на целосна хипноза, целосна успиеност, целосно себезалажување и се чини дека докторот во претставата е само имагинарен лик што лебди помеѓу реалното и сонот, а дека целата драма се случува помеѓу оваа толку препознатлива во секого од нас брачна двојка.
„Пациенти“ успешно нѐ натера да сфатиме дека од некои далечни соништа сме направени, но и дека сме хипнотизирани, дека сите сме пациенти на едни исти заблуди. Имаше право Шекспир кога кажа дека овој живот е една театарска претстава, а секој човек, секој маж и секоја жена играат некоја улога. Но уметноста е сцена да се потсетиме на вистината – дека на Земјата дојдовме да ја најдеме љубовта, да се прегрнеме со душите во убавината и смислата на постоењето и дека само таа вистина ќе нѐ спаси. Да, уметноста е огледало на животот, да видиме совршено точно какви сме и тоа веќе денес да го промениме. Во таа смисла, претставата „Пациенти“ математички точно и прецизно нѐ отслика нас, нѐ освести каде и зошто грешиме. На крајот ни порача дека денес треба за сѐ да си простиме и сѐ да заборавиме, да излеземе од хипнозата, илузијата и незнаењето и во овој миг, веднаш и тука, да ги славиме новите почетоци и да побараме за себе и другиот една поубава иднина. Сите овие прашања и духовни превирања што ги поставуваме страсно за време на претставата, не ќе беа можни и без Радо Алексовски, во улогата на докторот, сценографијата на Роберт Ристов, ликовните сценски решенија на Игор Љубовчанец-Љубац и изработката на плакатот, рекламниот материјал на Методи Ангелов и музичките фрагменти на најпознатите македонски евергрини.

д-р Мимоза Рајл