Ангелики Дарласи, познатата грчка авторка на книги за деца и млади, деновиве престојува во Скопје. Таа го претстави своето дело „Момчето од ложата“ во библиотеката „Јане Сандански“ во населба Аеродром. На средбата со деца од околните училишта на возраст од околу 14 години, Дарласи зборуваше за креативно пишување и за тоа како настанало ова дело. Оваа книга, која од грчки на македонски јазик ја преведе Емилија Мајсторова-Стојановска, е инспирирана од вистински настани, од животот на група бегалци што живеат во Народниот театар на Атина, во 1922 година, кога многу Грци од Мала Азија се доселени во Грција.
Настанот го организираа градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и издавачката куќа „Бата прес“, која го објави делото. Објавувањето на ова дело е поддржано од Европската Унија и Министерството за култура, во рамките на проектот „За нивната иднина“, со кој „Бата прес“, оваа и минатата година во програмата „Креативна Европа“, објавува 15 книги за деца и млади од 15 познати европски автори.
Ангелики Дарласи е родена, живее и работи во Атина. Таа дипломирала на Универзитетот за драмски студии во Атина, а магистрирала на Студиите за изведба на Кралската централна школа за ораторство и драмски уметности во Лондон. Во текот на својата кариера работела во театар, филм и телевизија.
Има напишано повеќе книги и има добиено неколку награди во Грција, како и интернационални награди. Како позната писателка и драматург предава креативно пишување и драмски уметности.