Во издание на книгоиздателството „Литератус“ деновиве во Грција е објавен претпоследниот роман на нашиот писател Томислав Османли. Ова прозно дело од македонски јазик беспрекорно го преведе Ставрула Маврогени, книжевна теоретичарка и професорка на Одделот за балкански, словенски и ориентални студии при солунскиот универзитет „Македонија“. „Столб што пее“ е објавен пред две години во издание на „ВиГ Зеница“ од Скопје и беше финалист во изборите за роман на годината и за наградата за проза на ДПМ.
На кориците од романот уредникот на грчкото издание напиша: „Со неверојатна вештина Томислав Османли ја спојува фикцијата со историското минато и создава свет што е тешко да се прифати, но уште потешко да се отфрли“. Предговор кон новата, грчка објава на романот „Столб што пее“ напиша писателот Вангелис Тасиопулос, претседател на Друштвото на писателите од Солун: „Томислав Османли, познат на грчката јавност од претходните објави, на крајот од својот роман истакнува дека и покрај тоа што сега сите припаѓаме на ранливи стада-групи оптоварени од интереси, надеж сепак постои. Со чувствителност и низ утешно расположение среде мракот, во вид на цврсто убедување тој истакнува дека, како што кај надгробниот столбец на античкиот музичар чија песна дава надеж, па така и еден подобар, поспокоен и мирен свет е изводлив…“
Романот на македонскиот писател во Грција се објавува со поддршка на Ставрос Дајос, историчар и литерат, сопственик на книгоиздателството „Литератус“, кај нас познат и по објавата на сеопфатната антологија „Балканско расказно творештво“, во која се објавени преводите на грчки јазик на осум македонски прозаисти, меѓу кои и расказот „Шапката на професорот Даштевски“ од Томислав Османли.