Претставата „Тивкото Момче“ во изведба на Театарот за деца и млади од Крагуевац, Србија, ја доби главната Гранпри награда на првото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, кое заврши вчера во салонот на Театар за деца и младинци – Скопје.
Одлуката ја донесе стручната жири комисија во состав: Диана Кржаниќ Тепавац, актерка, еатарски педагог и претседател на АСИТЕЖ, Србија во својство на претседател на жирито, заедно со членовите Благој Чоревски, актер и режисерката Драгана Милошевски Попов.
– Жирито оваа претстава ја гледа како комплетен уметнички чин што храбро отвора
чувствителни теми, користејќи внимателно избран театарски јазик, лесно препознатлив и
прифатлив од публиката – се наведува во одлуката.
Жирито додели и две специјални награди и тоа за претставата „Жирафа“ на театарот
„Хоп сињор“ од Атина, Грција за исклучителната креација, изработка, водење и анимација на куклите и за комплетната естетика и театарскиот израз во претставата. „ЖИРАФА“ ја понесе и наградата за најдобра сценографија, затоа што како што вели жирито, со минимални средства оваа претстава остварува силни визуелни импресии и отвора простор за детската фантазија.
Покрај нив, жирито додели уште една специјална награда на претставата
„Авантурите на малиот Јују“, за колективната актерска игра и извонредното користење на сценските елементи направени од природни материјали како и за изведбата и употребата на музичките инструменти во истата. Оваа претстава се закити уште и со Наградата за најдобра режија на Рената Карола Гатица.
Наградата за најдобра машка улога му припадна на актерот Марко Хергешиќ, за
улогата во претставата „Авантурите на баронот Минхаузен“, на театарот „Жар птица“ од
Загреб, Хрватска, за исклучителната ролја која пленеше со одлична актерска изведба допадлива за секое дете. Истата претстава ја освои и наградата за најдобра костимографија, на авторката Џениса Пецотиќ.
Наградата за најдобра женска улога ѝ припадна на актерката Јулијана Мирчевска, за улогата на Марика во претставата „Јованче и Марика“, во изведба на театарот „Бабец“ од Битола.
Првото издание на фестивалот „Игор Маџиров“ се одржа од 30 септември до 4 октомври годинава на кој учествуваа девет претстави од различни земји на Европа.