Женскиот младински хор (ЖМХ) при Младинскиот културен центар постигна уште еден во низата успеси на меѓународна сцена.
Под водство на маестро Сашо Татарчевски, по вторпат годинава Женскиот младински хор се враќа со највисоки награди од меѓународни хорски натпревари.
По освоеното Гран при во Бугарија во јуни, ЖМХ се закити со прва награда и на интернационалниот хорски натпревар во Херцег Нови, Црна Гора. На фестивалот настапуваа 29 хора од повеќе европски земји, од кои 24 учествува во натпреварувачкиот дел. Нашиот хор се претстави на три фестивалски сцени -во црквата „Св. Јероним“, во салата „Парк“ и на сцената „Под градскиот саат“, а на сите настапи предизвика овации кај публиката и другите хорови учесници. Освен првата награда за хорот, маестро Сашо Татарчевски ја доби и специјалната награда од жирито за најдобар диригент на фестивалот.
Женскиот младински хор при МКЦ и во својата 53-та година од постоењето го потврди својот статус на континуирано квалитетен и највреден бренд на Младинскиот културен центар во Скопје, како и македонски културен амбасадор на меѓународната сцена.
– Вакви врвни резултати се можни само доколку се има институционална поддршка, односно во случајот на Женскиот младински хор при МКЦ колку поголема поддршка толку побројни врвни резултати. Во оваа 2025 година редовната работа на ЖМХ и настапите низ нашата земја, како и дел од претставувањата во странство, ги поддржаа Министерството за култура и туризам и Град Скопје – информираат од МКЦ.