„Графика, слика, објект“ е изложба на Стефан Анчевски, која се отвора денеска, во 18 часот, во ЛУ Градски музеј во Крива Паланка.
Во творештвото на Анчевски постои еден континуитет на поврзување на изразот и ликовниот јазик, секогаш градејќи нова уметничка форма. Во некои слики нанесува боја во повеќе слоеви, наизменично ритмички, налик на густо исткаени мрежи од неправилни кратки вертикални и хоризонтални потези наслоени врз едноличната, најчесто темна основа. Во други дела кратките испреплетени линии се одвојуваат како неправилни форми во земјени тонови во повеќе нијанси поставени едни крај други, акцентирани со грубата материја што ја содржат во себе, при што истовремено сугерираат леснотија и тежина, вкочанетост и запрено движење и блага тензичност, засилена со остри кратки линии што минуваат крај нив или низ нив, пишува во образложението на изложбата.
Некои композиции се изградени од вертикални или хоризонтални ленти со остри рабови, во кои повторно се насетува грубата материја. Поставени преку темна основа, некогаш конфронтирани на група мали неправилни форми ограничени во еден помал простор. Сликите објекти, создадени со поставување на две нивоа на површини во кои задниот дел ги содржи сите оние тешки кратки форми во „тензична хармонија“, а предниот е перфориран или полуотворен и наедно е прозорец и кафез. Постојат дела решени минималистички, содржат слободни геометриски апстрактни форми, налик на лебдечки фигури во вакуум простор, каде што Анчевски создава илузија на наизменично доминирање на одредени облици наспроти други, во вид на оптички илузии, при што предниот елемент станува заден и обратно. Имаме и циклус сочинет од дела во кои се комбинирани меки материјали како лепила, силиконски и акрилни маси, кои потсетуваат на нешто меко органско.
Иако делата се од неколку циклуси работени во период од неколку години, заедничко за сите е што содржат комбинација од елегантност и одредена грубост, но не и бруталност чие отсуство дава смиреност во експресивноста во корист на општиот елегантен квалитет.
Делата на Стефан Анчевски се еден вид поетски објекти што во себе носат дел од минатото и дел од личното доживување на квинтесенцијата на минливата сегашност.