• Иван Антоновски создал бисер на книжевноста за деца: и за оние деца со малку години, и за оние деца со многу години, и за оние деца пред пензија, посочува Венко Андоновски

„Градина полна латици“ од Иван Антоновски, со илустрации на Иванка Ниба, во издание на „Светулка“, ќе биде промовирана денеска, во 12 часот, во „Цреша бар“. Промоторка на оваа по многу нешта храбра и уникатна книга ќе биде Билјана С. Црвенковска. Настанот ќе биде наменет и за оние чии очи првпат го запознаваат светот и за оние што светот го гледаат со очила, зашто долго го гледале – како што оценува критиката: „Градина полна латици“ е книга за сите генерации.
– Иван Антоновски создал бисер на книжевноста за деца: и за оние деца со малку години, и за оние деца со многу години, и за оние деца пред пензија. Го поставил единственото важно прашање за книжевноста: прашањето за одминувањето на единката и траењето на родот. Направил фантастична парабола со универзални пораки: нему му успеало истото она што и на Егзипери во „Малиот принц“ – оценува универзитетскиот професор, писател и книжевен критичар Венко Андоновски.
Според него, да му се објасни на дете дека свенувањето на цвеќињата е доброволна одлука на „старите“ цвеќиња за да им отстапат место на младите и на оние уште неродените е навистина благородна, човекољубива и утешна филозофија.
– Параболата за „исчезнувањето“ на едни и доаѓањето на други цвеќиња, приказната за сменувањето на генерациите е дадена толку дискретно, што во еден миг помислуваме: навистина, колку семки чекаат да изртат, а не можат, само затоа што посакуваната вечност на претходните не им дозволува раѓање на оние што доаѓаат? Антоновски се зафатил со најсуровото прашање – ако сите сакаме да бидеме бесмртни, зар вечноста (и да е можна) не е сама по себе проклетство, зашто на „вечните цвеќиња“ им станува здодевно, и тие веќе не се радуваат на ништо, зашто виделе сè. На оние што секоја пролет доаѓаат како новородени, напротив, сè им е ново, и тие ја чувствуваат радоста на љубопитството и сознавањето – истакнува Андоновски.

Како што нагласува писателката, сценаристка и преведувачка Билјана С. Црвенковска, „Градина полна латици“ е една од оние храбри книги што внесуваат свеж ветар во македонската книжевност за деца, избирајќи да му се обраќа на еден порафиниран читател (односно читателски пар родител–дете) што трага по повеќе, пред сѐ по одговорите на оние непресушни, вечни прашања.
– Храброста на ова дело не е само во изборот на темата (темите) и во неговото пливање во обратен правец од „мејнстримот“, кој промовира хумористични или авантуристички приказни, духовити стихови и игриви рими или, во некои поретки случаи, повеќе им се обраќа на возрасните читатели одошто децата. Храброста и уникатноста на делото се во целиот негов „склоп“, во совршената комбинација на приказната на Антоновски за природниот тек на нештата и за неизбежноста новите цвеќиња да ги заменат старите и илустрациите на Иванка Ниба, кои се приказна сама за себе. Иако потсетуваат на старите мајстори, кои дадоа свој печат и на првата македонска литература за деца (прв на памет ми паѓа Кондовски), илустрациите на Ниба се модерни, свежи, впечатливи и, да, неверојатно храбри – за нашето поднебје, но и во светски рамки – подвлекува Црвенковска во својот осврт.
Во рамките на промоцијата на „Градина полна латици“ ќе има и изложба на илустрациите на книгата, за кои веќе има исклучително афирмативни оцени на критиката.

– Од ликовна гледна точка, оваа визуелна синтеза ја надминува класичната дефиниција на детска илустрација. Едноставните и крајно стилизирани форми и линии, совршено приспособени за младата публика, се храбри, автентични и слободни, со силен визуелен идентитет што ги надминува комерцијалните стандарди. Со современ минималистички, но впечатлив пристап, овие илустрации на Иванка Ниба суптилно го евоцираат духот на златната доба на македонската илустрација од 1980-тите, на делата на Каевски, Кондовски и Туниќ, но во еден сосема модерен контекст. Делото успешно ја спојува едноставноста што им е блиска на децата со естетскиот израз што го препознаваат возрасните, создавајќи искуство што е еднакво привлечно, образовно и инспиративно. Оваа книга претставува исклучителен пример за тоа како текстот и сликата со леснотија се дополнуваат, совршено сплотени во едно впечатливо дело со траен квалитет – оценува визуелната уметница, илустраторка и едукаторка Александра Хаџи-Наумова Атанасовска.