Плакат

Во тек е книжевниот и творечки фестивал за деца и млади „YES фестивал! Млади европски приказни, млади креативци“ во организација на издавачката куќа „Чудна шума“. Посетителите на фестивалот ги очекуваат многубројни и разновидни креативни работилници со домашни уметници и писатели, како и со гости писатели и илустратори од Словенија и Хрватска, промоции на книги за деца и млади на неколку издавачки куќи, изложба на илустрации од неколку македонски илустратори, саемски дел со изданијата кои ќе бидат промовирани на фестивалот и многу музика.

Придружната програма трае од 6 до 15 јуни и се одвива во книжарницата „Чудна шума“ и во повеќе објекти на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“: централниот објект, библиотеката „Другарче“, библиотеката „Цветан Димов“ и библиотеката „Страшо Пинџур“, каде организирани креативни работилници за деца од градинки и основни училишта одржуваат писателката Билјана С. Црвенковска и уметниците Доротеј Нешовски, Небуше Ајети и Наташа Костовска, како и гостите од Словенија и Хрватска – писателките Ива Безиновиќ-Хејдон и Ида Млакар Чрнич и илустраторите Хана Тинтор и Петер Шкерл.

Главната програма ќе се случува во Младинскиот културен центар од 12 до 15 јуни на неколку локации – надвор на платото, во долното и горното фоаје на кино „Фросина“ и во Детскиот креативен центар.

– Ова е трета година како се одржува нашиот фестивал за деца и млади и досега имаме најбогата програма. Првпат ни доаѓаат гости автори од регионот, тоа се авторките на сликовницата ‘Мојата бабичка не знае која сум’ Ива Безиновиќ-Хејдон и Хана Тинтор од Хрватска и авторите на сликовницата ‘Овде, во близина, живее едно девојче’ Ида Млакар Чрнич и Петер Шкерл од Словенија, кои се познати и признаени автори за деца чии книги се наградувани и преведувани низ Европа и пошироко – вели писателката и главна уредничка на „Чудна шума“, Билјана Црвенковска.

Промоцијата на овие две сликовници и гостувањето на авторите од Словенија и Хрватска е дел од тригодишниот проект „Млади европски приказни“ на издавачката куќа „Чудна шума“ за превод и циркулација на книжевни дела ко-финансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија. Фестивалот е делумно поддржан и од Министерството за култура на Р. Македонија.

– Покрај гостите, на фестивалот ќе имаме многубројни промоции на книги од домашни автори и креативни работилници со реномирани писатели и уметници“, продолжува Црвенковска. „Тука се авторите и уметници Ана Јовковска, Катерина Николовска, Александра Симова Клинчарова, Хари Дудески, Иванка НиБа, Ванчо Полазаревски, Наташа Костовска, Неше Рамовиќ, Марија Петровска, Сања Арсова, Маја Андоновска, Доротеј Нешовски, Небуше Ајети, Искра Димковска, Ника Гавровска… Ќе се претстават и други издавачки куќи освен Чудна шума, како Сказнувалка, Едиција Светулка, Гаврош, Темплум… Ќе имаме изложба на илустрации на Иванка НиБа, Владимир Лукаш, Давор Кешкец, Катерина Николовска, Петер Шкерл и Хана Тинтор, а дел од уметниците ќе творат “во живо” и во нашето уметничко катче. Ќе имаме и две трибини на многу важни теми кои нѐ засегаат сите – и децата и возрасните, за музиката ќе биде задолжен Ненад Тонкин, а конечно ќе се случи и промоцијата на мојата книга ‘Земјата на заборавените сказни’, драмски текст напишан по идејата која ја развивме заедно со Симон Трпчески, а ја илустрираше Оливер Коларевски. Извадоци од книгата ќе чита и младата Лара Трпческа – дополнува Црвенковска.