Промоцијата на стихозбирката „Куќа од хартија“ ќе се одржи в четврток, во Културно-информативниот центар (КИЦ), во 19.30 часот, во „Салон 19’19“
Стихозбирката „Куќа од хартија“ од писателката Гордана Каракашевска неодамна излезе од печат, а промоцијата на делото ќе се одржи на 12 мај, во Културно-информативниот центар (КИЦ), во 19.30 часот, во „Салон 19’19“.
Ова е втора збирка на Каракашевска, а четврта книга по ред. Промотор на стихозбирката ќе биде поетот Вања Таневски, а модераторка на промоцијата е писателката Јулијана Величковска. На промоцијата, избор поезија од стихозбирката „Куќа од хартија“ ќе чита актерката Елизабета Клинчаревска Младеновска-Ели. Со две композиции ќе настапи Никола Младеновски, ученик по клавир при МБУЦ „Илија Николовски-Луј“.
Гордана Каракашевска е авторка и на книгата раскази „Сињор Џордано и раз-мислувањата за сомневањата, дилемите и прашањата и за некои други, ситни зрнца“ (2021), стихозбирката „Скршен поет и други поеми“ (2021) и на романот „Разголување во годината на козата“ (2021).
Колку импотенцијата во чувствата, но и во телото, може цврстата градба на домот да ја престори во дом од хартија?
– Чувствата се емоции што се резултат од човековиот социјален живот. Нивната импотенција неминовно води кон импотенција на телото, а следствено на тоа, како домино-ефект, како кула од карти домот се урива. Физички, ѕидовите на куќата постојат, но тоа се студени ѕидови, а просторот меѓу нив е полн со страв, гнев и тага. Стравот е секогаш непријатен и проследен со напнатост, грижа и вознемиреност. Неможноста да ги оствариме намерите предизвикува гнев, а тагата се јавува кога ќе изгубиме некого или нешто што ни било многу блиско. Нема поголеми странци од двајца што некогаш, не толку одамна, си биле сè еден на друг. Чувствата со кои го граделе домот: љубовта, грижата еден за друг, емпатијата, нежноста на еден кон друг, дури и добриот збор, ги нема, а нивното место го присвоиле бесот, омразата и нетрпеливоста. Тие цврстата градба на домот ја престоруваат во дом од хартија. „Куќа од хартија“ е насловена по истоимената песна од стихозбирката, во која пишувам за мртва љубов, студената крв во жилите и срце што не затреперува без разлика што и да се случи.
Силвија Плат ви се провлекува низ песните. Колку често се добива чувство дека жените автори мораат да ја „стават главата в рерна“ за да биде чуен нивниот глас?
– Токму така, Силвија Плат, заедно со Вирџинија Вулф и Емили Дикинсон, се авторки што имаат огромно влијание врз мене. Тие на некој начин го трасираа патот по кој чекорам, нивното творештво ми наметна одреден вкус кога станува збор за она што јас сакам да го читам во поезијата и литературата, и извршија големо влијание во мојот стил на изразување во пишувањето. Често, многу често се навраќам на нивните дела и тие и ден денес ми се непресушна инспирација. Колку повеќе ги читам и колку повеќе читам наши современи македонски поетеси, сè повеќе сум убедена дека жените автори мораат да ја „стават главата в рерна“, дека тоа е единствениот начин за да бидеме чуени затоа што многу често судбината и животот нѐ ставаат пред искушенија, чие пребродување е вистински предизвик. Но што значи денеска овде да се биде поет и да се живее како поет? Мојот одговорот лежи во поезијата. Затоа, јас верувам во моќта на песната, во моќта на овие песни.
Мотивот за жената што нема сопствена соба за да создава, она што Вирџинија Вулф го зборува во својот есеј „Сопствена соба“, се провлекува и во вашите стихови. Собата на жената што пишува е во нејзиното срце, велите. Што можат да сторат жените за да добијат сопствена соба?
– Поезијата, а пред сè конфесионалната поезија, толку блиска на жените, поетесите и од друга страна симболизмот во поезијата, толку близок на мажите, поетите, отсекогаш биле еден од доминантните начини на мое изразување или самоизразување во уметноста, како непресушна инспирација, како форма, како концепт и уметничка мистика, затоа што моето уметничко око гледа на песните како на уметничко дело, слика насликана од зборови, а зборовите секојпат се силни, имаат моќ да создадат, да изградат, но и да уништат, да стават крај. Оттука, мојата поезија во целина, а конкретно поезијата во „Куќа од хартија“ од женска перспектива, но и во обратна насока, жената во поезијата, ги слави женската убавина и природата, мајката и пролетта, ставајќи ги истовремено, и поезијата ѝ жената, на пиедестал со нивната сензуалност, со цел преку песните да покажат став и критика кон сегашноста и реалноста во која живееме, ги преиспитуваат нејзината позиција во современото општество, нејзината ранливост, нејзината слобода, движењето и однесувањето, како и на одбирањето да биде тоа што е, било ќерка, жена, мајка, љубовница. Во сите песни во „Куќа од хартија“ поентата е иста. Сите имаат една цел: да го однесат читателот, да го искачат поблиску до она кон што свесно или несвесно целиме. Тоа нешто кон што сите на некој начин целиме е, веројатно, различно за секој од нас: Бог, среќа, успех… Но патот е еден, треба и мора да се изоди. Дали, од друга страна, тој пат е всушност нашата потрага по себеси, по нашето јас – кои сме, што сме, што е нашата мисија на овој свет, која е нашата цел, зошто сме тука…? И дали кога ќе ја постигнеме и достигнеме посакуваната цел, сме навистина среќни? Тоа ли е она што сме го барале, по што сме копнееле, што сме го сонувале? Темпото на секојдневието безмилосно нè турка напред, право, но одвреме-навреме помислуваме и на минатото, на грешките, на тагата и на болката што тлее внатре во нас од жал по родителите, пријателите, безмалку, неминовни во сечиј живот. Животот е најголема инспирација. Во „Куќа од хартија“ продолжувам да ја истражувам дуалноста меѓу светлината и темнината, сигурноста и сомнежот, сеќавањата и заборавот, но и контрастите помеѓу јасноста и неодредените сеќавања и, конечно, пишувам за смртта како физички крај на сè што живее, но од друга страна, пак, речиси во сите песни пеам за пролетта или само ја навестувам по зимата, пролет како ново раѓање, ренесанса. Мојата поезија им пркоси на секојдневниот живот и на минливоста. Во неа борбата на личниот идентитет може да се спореди со таа на Икар или на Исус. Во неа ги фаќам најнеодредените, најхипотетичките димензии на просторот – универзумот, кој засекогаш останува мистичен и настојува читателот повторно да ги прочита и да ги доживее песните.
Книгата „Куќа од хартија“ буди возбудливи чувства, таа е утеха на меланхолијата и показател за тоа што сè има во моето срце, во твоето срце, во сечие срце.
И по еден век од објавувањето на есејот „Сопствена соба“ на Вирџинија Вулф морам да заклучам дека таа е во право и дека, за жал, и денес по сто години, јас го делам нејзиното мислење, а тоа е дека за да твори, за да пишува една жена во овој машки свет, таа мора да има пари и сопствена соба. Што можат да сторат жените за да добијат сопствена соба? Жените мораат да останат доследни на себе и да истраат. Мораат да вложат во себе, да се стекнат со најдобро образование, да работат на својот талент, да пишуваат и никогаш да не се откажат.
Само во 2021 година објавивте три книги. Станува збор за книги пишувани низ годините или сите ги пишувавте паралелно? Како кај вас тече процесот на создавање?
– Токму така, во април 2021 година излезе од печат збирката раскази „Сињор Џордано и размислувањата за сомневањата, дилемите и прашањата и за некои други, ситни зрнца“. Сињор Џордано е фиктивен лик, Италијанец, професор по епистемологија, а орнитологијата му е хоби. Идејата за оваа книга раскази се роди пред повеќе од десет години, а потоа следуваше долг период на пишување на книгата, за конечно да биде објавена во 2021 година. Инспирацијата ја зедов од најбогатото извориште на животот, секојдневието, преокупацијата и размислата за светот. Расказите го следат движењето на времето, гравитацијата и апсурдот. Динамиката на менувањето на состојбите и патувањето низ коридорите на душата е нагласено. Потоа излезе од печат мојата прва стихозбирка „Скршен поет и други поеми“. Песните се родени од болка. Почнав да ги пишувам по смртта на мајка ми во 2018 година, всушност, тие самите се раѓаа, излегуваа и бараа да бидат запишани. Овде преовладува елементот запис. Овде времето е вистински разоткриено во моментот кога размислувам за него и за сè што нему му припаѓа, вклучувајќи ги и сопствените записи. Во мај 2021 година беше објавен мојот прв роман „Разголување“, со поднаслов – Во година на козата. Романот го напишав во февруари 2003 година, а на тоа му претходеше цела година на подготовки, забелешки и многу фусноти, за конечно по 18 години затворен, но не и заборавен во фиока, на моја голема радост да биде објавен. Романот „Разголување“ следи еден ден на еден лик. Заедничко на сите овие три книги е тоа што беа напишани пред многу години и до денот на објавувањето претрпеа многу корекции, како резултат од постојаното читање и препрочитување за конечно, кога бев сигурна дека сум го постигнала посакуваното, бидат објавени. Кај мене така тече процесот на создавање, долго бавно и тешко. Ништо пораз-лично не беше и со втората стихозбирка „Куќа од хартија“. Од првата напишана песна до објавување на книгата поминаа повеќе од две години и шест месеци. Тоа е период полн со препрочитување, уредување, кратење, менување, лекторирање. Тешка работа е пишувањето книга. Тоа е осаменичка работа. Но, истовре-мено, тоа е најубавата работа на светот.
Пишувате романи, раскази и поезија. Во кој форма најмногу се пронаоѓате и зошто?
– Никогаш не почнувам да пишувам со намера. Пишувам затоа што морам, затоа што не можам ако не пишувам. За мене пишувањето е еквивалент на живеењето. Пишувам за да бидам запаметена и по смртта. Пишувам затоа што пишува-њето е мојот живот. Пишувам заради желбата да ги споделам чувствата и размислувањата, кои ќе останат за идните генерации. Сите мои мотиви за пишува-њето се насочени во две насоки: прво – внатре кон мене и второ – кон јавноста и за јавноста.
Најчесто ми се случува првичната замисла во текот на пишувањето да се моди-фицира и крајниот резултат да ме изненади дури и мене, иако сум авторот. Тоа е и природно, на некој начин, од причина што додека пишувам ми доаѓаат нови идеи за предизвици со кои се соочуваат ликовите. Конкретно, првичната замисла за ликот на сињор Џордано беше да напишам само еден расказ, но следуваше уште еден расказ, па уште многу други и стана книга. Пред неколку години почнав да пишувам друга книга со работен наслов „Сињор Џордано и…“, која е продолжение на првата.
Кога станува збор за поезијата, за пишување поезија пристапот и процесот се сосема поинакви. За мене, поезијата е огледало. Мојата поезија е мое огледало. Поезијата е уметност на суптилното во животот. Ако прозата е фикција, поезијата е интимна автобиографија. Да се биде поет, да се пишува поезија значи дека треба јавно да се признае дека нешто те боли. Убедена сум дека поезијата е највисоката форма на изразување. Читајќи поезија нашиот вкус и афинитетот во книжевноста се развиваат и се изоструваат. Преку неа можеме да ги осознаеме и да ги почувствуваме најдлабоките човекови емоции пренесени на хартија.
Поезијата е мајка на прозата. Прво се пееле песна, а подоцна се појавило раскажувањето. Затоа велам дека е вистинско мајсторство да се пренесат во неколку стиха сите тие чувства што се будат и извираат од длабочината на битието на поетот, од неговото срце, неговата душа, неговите мисли. Поезијата е отсликување на душевната состојба преку детали. Зборовите се важни. Секој збор е важен. Како што се боите за сликарот, така тоа се зборовите за поетот. Отсекогаш сум била убедена дека нема лоша поезија, убедена сум дека не била почувствувана затоа што била прочитана во погрешно време.
Во поезијата ја гледам својата сопствена рефлексија. Мојата промена, моето растење низ поезијата е константно. Желбата да се изрази креативноста е вечен и инстинктивен инстинкт на луѓето. Умот сака да ја пренесе душевната состојба. Литературата и културата се еден од многуте начини да се пренесе тоа. Поезијата е најинтимната форма на литературата преку која ги изразуваме чувствата. Искрата на меки зборови, аранжманот на убава поема доаѓа однатре. Креативното пенкало може да создаде убава, лична благосостојба, може да лекува, да излекува рани – лузни. Затоа, уште од најрана возраст треба да бидеме во допир со поезијата. Поезијата како ѝ уметноста треба секогаш да бидат слободни. Кога пишува, поетот мора да се соголи до коски, затоа што да се пишува поезија значи да се крвави.