Лингвистите предупредуваат
Европската федерација на национални јазични институции (ЕФНИЛ) предупредува дека зголемената доминација на неколку главни јазици во дигиталните услуги ја загрозува јазичната разновидност и ја поткопува посветеноста на Европската Унија за повеќејазичност. ЕФНИЛ повикува на порешителна акција на ЕУ за зачувување на јазичната разновидност. Тие испратија соопштение до Европската комисија и Европскиот парламент за пристап до медиумите и комуникациските уреди на сите европски јазици.
– Фаворизирањето на доминантните јазици би можело особено да влијае на децата – смета лингвистот Козма Ахачич, член на извршниот одбор, кој верува дека јазичната нееднаквост ќе се зголеми, особено со ширењето на технологиите засновани на вештачка интелигенција.
Тој посочува дека ова може да влијае особено на децата, лицата со тешкотии во учењето и оние што работат или студираат во области каде што англискиот е веќе доминантен, како што се технологијата и науката. ЕУ мора да ја зајакне својата посветеност на повеќејазичноста и да ги обврзе корпорациите да ги почитуваат помалите јазици во дигиталната ера.
ЕФНИЛ ги нагласува проблемите со работата на услугите за стриминг, проверката на правописот и паметните уреди што не ги исполнуваат националните јазични стандарди. Услугите како Нетфликс, Дизни плус и Амазон прајм често не нудат преводи или синхронизација на сите официјални јазици на ЕУ. Епл, иОС, Гугл мапс и проверката на правописот, базирана на вештачка интелигенција, исто така, исклучуваат неколку официјални јазици на ЕУ, ограничувајќи ја пристапноста за милиони европски граѓани.