Македонскиот филмски и телевизиски монтажер Димитар Грбевски е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија на Друштвото на филмските работници на Македонија. Оттаму велат дека Грбевски е професионалец што оставил длабока трага во современата македонска кинематографија.
Димитар Грбевски започнува да работи како филмски монтажер во РТВ Скопје во 1965 г. Филмска академија завршува во Загреб (1972), а по завршувањето на академијата, во 1975 г., се вработува во „Вардар филм“. Од 1992 работи како професор на ФДУ на Катедрата за филмска и ТВ-монтажа, а во 2011 заминува во пензија. Како асистент на монтажа и монтажер учествувал во повеќе од 30 филмови и ТВ-филмови и серии. Во 1981 г. ја освои Повелбата за долгогодишен придонес на Фестивалот на југословенски документарен и краток филм во Белград, а добитник е и на наградата „златен објектив“ на Кинотеката на Македонија. Во неговата богата филмографија меѓу другите се запишани и: „1971 година: Ембрио No. M.“ (монтажер на првиот македонски анимиран филм), „Најдолгиот пат“, „Исправи се Делфина“, „Дае“ (документарен), „Црвениот коњ“, „Македонска сага“, „Џипси меџик“ и „Војната заврши“.
Наградата ќе му биде врачена на 45. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ (21-17 септември, Битола).