Факултетот за ликовни уметности одбележува 45 години
Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, најстарата и најреномирана високообразовна институција и центар за развој на ликовната и визуелна култура во нашата држава, оваа година одбележува 45 години од своето основање. Сите активности на ФЛУ до крајот на 2025 година ќе се случуваат во чест на јубилејот со официјален датум 31 март.
Оваа недела, од 18 до 20 февруари, на ФЛУ се одржува значајна работилница под наслов „Од дијагностика до конзервација: Напредни методи за анализа и чистење уметнички дела“ наменета за студентите на ФЛУ. Тридневната работилница е организирана во соработка со Катедрата за конзервација на антиквитети и уметнички дела, на Универзитетот на Западна Атика, Атина, Грција. Работилницата се одвива со поддршка на „Еразмус +“ и УКИМ.
Централен настан и официјална прослава на 45-годишниот јубилеј е ретроспективната изложба на 3 април во Музејот на современата уметност–Скопје. Со изложбата, ФЛУ и МСУ заеднички ќе ги претстават богатото наследство и креативниот придонес на факултетот во развојот на македонската и регионалната уметничка сцена, симболично претставувајќи ги континуитетот и еволуцијата на уметничките изрази што се развиваа во текот на четири и пол децении.
– Овој јубилеј претставува повод не само да се потсетиме на нашето културно наследство и да ја прославиме нашата уметничка историја туку и да ги препознаеме сите генерации уметници што со своето творештво оставиле трајна трага во културниот пејзаж на Македонија и пошироко. Факултетот за ликовни уметности отсекогаш бил место на слободна мисла, креативна експресија, критичко размислување и постојано истражување на нови уметнички хоризонти – истакна проф. д-р Славица Јанешлиева, деканка на ФЛУ.
Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е формиран во 1980 година. Сместен е во три објекти на две различни локации, од кои едниот дел се наоѓа во културно-историскиот споменик од 15 век, „Сули-ан“ во старата турска чаршија, а другите два објекта се лоцирани во населбата Тафталиџе. Во текот на 33-годишното постоење, редовните додипломски студии ги завршија 1.134 студенти, а постдипломските студии ги завршија 158 студенти. Првата генерација професори ја сочинуваа најеминентните македонски уметници, академските сликари Димитар Кондовски, Петар Мазев, Родољуб Анастасов и Душан Перчинков, академскиот графичар Драгутин Аврамовски-Гуте и академскиот скулптор Петар Хаџи Бошков, кој наедно беше и првиот декан на факултетот.
Наставниот кадар во изминатите години реализираше и научноистражувачка дејност, а и соработка со сродни образовни, научни и културни институции во земјата и во странство. Досегашната меѓународна соработка се остваруваше преку контакти со различни универзитети од САД, Австралија, Холандија, Германија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Бугарија, Турција итн. Забележлив е и големиот број предавања на професори гости од Европа, САД и од Австралија. На факултетот престојуваа и фулбрајт-професори од САД, визитинг-професори од Австралија, Англија, Бугарија, Финска, како и специјализанти од Португалија.
Следејќи ги глобалните општествени промени, факултетот од основањето до денес минал низ повеќе образовни реформи. Освен едукативната дејност, факултетот традиционално спроведува и активности за изложување на делата преку организирање годишни студентски изложби, изложби на дипломци и постдипломци по повод патронатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, изложби од настава во природа, како и изложби поврзани по различни поводи, како и по повод фондацијата „Драгутин Аврамовски-Гуте“. В.Д.