Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“, традиционално, по 12. пат, ќе се одржи во паркот „Авионче“ во општината Аеродром до 13 септември.
На првиот фестивалски ден, со почеток во 20 часот, се одигра претставата „Брачно советување“ од Даниел Глатауер, во режија на Жељко Стјепановиќ. Претставата е на театарот „Јазавац“ од Бања Лука, Босна и Херцеговина, во која играат Снежана Мишиќ, Жељко Еркиќ и Жељко Стјепановиќ.
Денеска на репертоарот е претставата „За нас почнува живот“ од Ѓерѓ Шпиро, во режија на Дејан Пројковски. Во претставата, која е дел од здружението МАНА – Скопје, играат актерите Биљана Драгиќевиќ Пројковска и Нино Леви.
В петок на репертоарот е претставата „Вонбрачна комедија“, во режија на Иван Томашевиќ. Во претставата, која е дел од „Сцена Маска“ од Шабац, играат актерите Анета Томашевиќ, Наѓа Ристиќ, Душан Симиќ и Иван Томашевиќ.
В сабота ќе се одигра претставата „Ива и Глорија“ од Глорија Дубељ и Ива Шимиќ Шакороња, во режија на Јан Керекеш. Во претставата, која е дел од театарот „Керекеш“ од Вараждин, Хрватска, играат актерките Глорија Дубељ и Ива Шимиќ Шакороња.
Истата вечер, од 21:20 часот, како дел од придружната програма ќе настапи Бојан Велевски со својот стендап-настап.
Претставите годинава ги избра Роберт Ристов, а на последната фестивалска вечер ќе бидат доделени наградите, за кои ќе одлучува жири во состав: Кристина Ласовска, Оливер Јосифовски и Мирјана Поповска Ристов.
– Претставите почнуваат од 20 часот, а влезот е бесплатен за сите. Ве покануваме на многу смеа, забава, дружење и создавање заеднички спомени во последните денови од летото – покануваат од Општина Аеродром.