Во Музеј-галеријата во Кавадарци синоќа беше отворена годишната изложба на Здружението љубители на уметноста и културата „Роднокрајци“ во која беа презентирани дела на осумина автори: Ќиро Јосифов, Горан Боев, Ива Јосифова Даневски, Лазар Дојчинов и Тодор Богев, а како нивни гости учествуваа скулпторот Горан Ѓорев од Демир Капија и Трајче Јованов и Драгица Чекорова од Кавадарци.
Здружението уште од своето основање обединува ликовни уметници од различни генерации кои практикуваат различни ликовни изрази, чиј заеднички именител е родниот крај. Здружението е отворено за сите љубители на уметноста од Тиквешијата и Повардарието со цел остварување на заедничките и поединечните интереси на секој автор и нивна афирмација во Македонија и пошироко со подршка на Министерството за култура и локалната заедница. Здружението „Роднокрајци“ досега има реализирано седум групни изложби и тоа во Кавадарци, Велес, Демир Капија и Неготино.
Најголем реализиран проект му е муралот „Гроздоберачка“ од 16 квадратни метри на ѕидот на Винскиот музеј за регионот „Тиквеш“ кој се наоѓа во градскиот парк на Кавадарци.
Прекрасниот мурал со мотиви на винова лоза го насликаа уметниците Ќиро Јосифов, Горан Боев, Ива Јосифова Даневски и Лазар Дојчинов. За неполни две години од постоењето на здружението овие уметници остварија значаен придонес во афирмацијата на градот Кавадарци преку своите дела со мотиви од Тиквешијата и со своите групни изложби во рамките на традиционалните манифестации посветени на лозарството и винарството. Исто така учествуваат и на сите манифестации кои се дел од туристичката разгледница на Кавадарци како град на виното.
Претседателот на здружението „Роднокрајци“ , Ќиро Јосифова синоќа во своето обраќање отворено ги повика сите љубители на уметноста кои го негуваат слободниот
ликовен израз или пак преферираат традиционални ликовни форми но и автори кои внесуваат современи тенденции во ликовното творештво да им се придружат.
Годишната изложба на „Роднокрајци“ во музеј-галеријата овозможи на едно место да
се видат делата на осумина автори: најновите портрети, коњи и апстракции на Горан Боев, прекрасните пролетни пејсажи на Ќиро Јосифов, делата од рачно изработена хартија од циклусот „Сонца“ и новите апстракции на Ива Јосифова, Даневски, извонредните акварели на Лазар Дојчинов и платната со традиционални мотиви од лозарството , дел од скулптурите на Горан Ѓорев од изложбата (нај)нови возбуди и креации плус две графики, и најновите ликовни остварувања на Драгица Чекорова, Трајче Јованов и Тодор Богев. Ми.М.