Фото; Приватна архива
Интервју со Мирослав- Мирко Тодоровски, фронтмен на групата „Културно уметнички работници“, кунг-фу мајстор и поттикнувач на добри вибрации

 Секој ден го имам истиот жар и за 10 години се гледам со истиот ентузијазам, ако даде Господ. За крај ќе го цитирам Леми од „Моторхед“ : „Ако мислиш дека си премногу стар за рокенрол, најверојатно и си!“ Јас се уште не мислам така, вели Мирко Тодоровски

„Културно уметнички работници“ се создадени пред четврт век, како од шега, но ете одлично функционираат до денес. Оваа автентична панк-рок група, која годинава прославува 25 години постоење на македонската музичка алтернативна сцена, континуирано настапува и дома, ама и надвор од нашите граници, а поради јубилејот агендата навистина им е набиена. На 1 март имаа концерт во „Лонг плеј“ во скопски Аеродром, пред тоа во салонот „19,19“, а свиреа и во Прилеп. Лани исто така беа активни, ги слушнавме на „Бајк фест“ во Автокоманда, но и на фестивалот „Док ен ритам“ (Dok’n’Ritam festival) на Дорќол плац во Белград, Србија.

Фото: Приватна архива

За почетоците, името, за идните планови, за тоа што го прави толку посебен овој бенд, поразговаравме со фронтменот Мирослав- Мирко Тодоровски. Човекот кој и на сцена, но и во животот поттикнува добри вибрации, бидеќи како што вели „го остава на страна своето его во интерес на музиката“.

Живите настапи секогаш биле ваш заштитен знак, бидејќи и по 25 години сите членови на групата уживаат во нив. Колку тебе лично, како фронтмен на бендот ти значат контактите со публиката, таа размена на енергија, адреналинот што се чувствува во воздухот?

– По тоа се разликуваме од другите бендови. Нашата концепцијата е целината (бендот) да го создаваат рамноправно шсетемина членови на групата. Јас сум само најекспониран, пејач, фронтмен и како таков најмногу ја гледам и следам реакцијата на публиката. А таа е пак волшебна. Речиси секогаш присутните одлично и инспиративно реагираат на енергијата која ја праќаме. Не инспирираат за уште поголеми и поинтересни сценски настапи. Некои веќе ни станаа заштитен знак како таканареченото лечење или исцелување со рокенрол. Оваа наша музичка приказна да трае придонесуваат: Трајче Митрески – гитара, вокал, Марјан Китановски – гитара, вокал, Божо Вучиниќ – гитара, вокал, Владимир Стојчевски – бас, Бојан Жунгулов – тапани. Секако ќе ги споменам и поранешните членови, Ристо Јанковски – Љак – тапани и Зоран Трпков – Агресор – вокал, гитара, кои исто така се дел од целата приказна.

Фото; Приватна архива

Има ли разлика во реакциите на публиката кога настапувате во Македонија, со реакциите во странство?

– Се разбира дека има разлика. Сепак се работи за различна публика. На пример на „Бајк фестот“ во Скопје, лани, имавме многу наши фанови кои заеднички ги пееја песните со нас. И веднаш тој „фидбек“ не исфрла во стратосферата и се создава зеадничко воздигнување, силно како љубовен однос. Во Белград, пак, не чекаше преставување пред луѓе кои главно ги немаат слушано нашите песни. Затоа организаторката Сандра Ранчиќ направи една генијална работа – не поврза како приклучок на промоцијата на книгата „Ајде Бобо крени ја главата“ ( Дај Бабо дигни главу) – приказни од снимањеето на филмот „Како пропадна рокенролот“, чија музика е доста блиска на нашиот пристап кон рокенролот. Се случи одлична фузија со публиката и нешто навистина интересно. Пред неколку години групата, што ние многу блиска „Тотално опуштање“, сними песна на руски јазик „Се се одвива според планот“ (Всјо идет по плану), на сугестија на тогаш нивни член од Русија, Максим. Песната и ние веднаш ја засакавме. И не знам како еден руски бегалец во Белград дознал дека и ние ја свириме понекогаш на нашите настапи, па ни пиша на нашата страница на социјалните мрежи, дали ќе може на концертот да ја изведеме за него и за неговото друштво. Малку се мислевме, па си рековме, добро нека биде така. И, уште по првите тактови настана дилириум, се собраа околу нас триесетина души, млади и постари Руси и екстремно емотивно ја испејаа песната со нас. Другите присутни останаа во недоумица, од каде сега Руси пејат со македонски бенд среде Белград? Излезе дека песната е симбол на слободата не само на руските рокери, особено во периодот на перестројката и падот на комунизмот. Се уште е актуелна заради сегашните случувања во Русија на политички план.

Фото; Приватна архива

Но да тргнеме од почеток, кога ја „прележа“ „Жолтицата на бродот Баунти“, многу брзо се збратими со колеги-музичари од повеќе бендови, а тогаш се знае, се создава еден „супер бренд“! Која е формулата?

– Неоптовареноста и искреноста на членовите и желбата убавата позитивна енергија да се споделува со луѓето, тоа е посебноста на оваа група. Иако е настаната со соединување на членови на повеќе бендови (некои веќе не се активни) се уште може да функционира одлично. Ете јас, во име на некои повисоки цели, го оставам на страна своето его во интерес на музиката. Некои членови имаат матични бендови (а некои и повеќе), па тука се чувствуваат и работат растоварено и се што се прави се реализира спонтано. Можеби, токму тоа е формулата за успех. Воедно, ова е доказ дека рок-бендовите во Македонија можат да функционираат на овој начин, што е практика и во светот. Но, во повеќето случаи и во рок и алтернативната музика кај нас се е преполно со егоизам. Тоа донекаде е и логично затоа што, сепак, тоа е вообичаено кај авторите и креативците. Но, ние одиме спроти ветрот, па овој наш несебичен пристап го префрламе и надвор од бендот, па помагаме и стимулираме млади групии. Некои ги каниме да дојдат на наши свирки, а се знае и на дружбите по концертите.

Една од поважните особености на бендот е оригиналноста, па и во името на групата, а велат ако го пронајдеш својот стил, својот сопствен, автентичен звук и начин на негово презентирање си зваршил голема работа. Сепак, со мешањето на стиловите, некогаш може и да се претера, па кој во групата кажува, тоа е тоа, доста е, или сите имате удел во создавањето?

– При создавањето на песните, за финалната верзија мора сите да дадат согласност. Еден ако не се согласува таа се доработува. Разните стилски влијанија не пречат премногу, но доста е тешко да се најде вистинскиот клуч се да звучи интересно, провокативно, натпросечно, или барем да биде обид за сето тоа. Но, со текот на годините некако се поделија работите, се специјализираа улогите на членовите на бендот во процесот на создавање нови песни.

Трале и Мац ги пишуваат обично предлог текстовите и мелодиите. Божо го досредува ритмичкиот и мелодискиот дел, а Данко и Владе работат на ритамот и должината на песната. Јас најчсто учествувам во аранжирањето и начинот на пеење. Со текот на годините забележав дека ме влече аранжирањето и конструкцијата на песните.

Фото: Маја Јаневска Илиева

Вашата животна филзофија многу впечатливо е пренесена и во документарецот снимен за бендот. Убав приказ, пред се на едно музичко пријателство, кое трае четврт век, непретенциозно, а сепак многу влијателно на целата мзуичка сцена во земјава.

– Кај нас нема шаблони и етикети, бидејќи пречат во процесот на создавањето нова музика, но и во нашата комуникација. Она што го правиме ние е наш предлог и пример како би требало да функционираат бендовите. Токму затоа и го снимивме документарецот „Денот да е радосен“. Во него дури и малку ги нагласивме разликите меѓу нас, за да има поинтересен тек филмот. Авторката Љубица-Буба Поповска која во тој период доста се дружеше со нас, веднаш ја сфати нашата приказна и се согласи да снимиме филм.

„Денот да е радосен“исто така е насловот на песната која е задолжителна на сите ваши настапи. Сепак текстот наликува на убава детска песничка, со поука! За што станува збор?

– „Денот да е радосен“ е всушност песна направена по нарачка. Едни наши познаници почнаа да снимаат анимиран филм за деца, со универзална порака, но сакаа сето тоа да изгледа и да звучи помалку рокерски и необично. Не замолија нас да ја направиме музичката тема за филмот. Владе се сети на една песничка од читанката за прво одделение и јас веднаш ја снимив со ритам машина и електронски звук. Подоцна ја доработиме и сега е наш заштитен знак. За жал филмот не се реализираше, но за среќа песната остана и почнува вака: „Пчелка виде убав цвет /Од цвет на цвет поздравува/добро утро, добар ден/ Денот да е радосен…“ Би било убаво сето тоа да финишира со музичка сликовница, отворени сме за соработка од секаков вид.

Фото; Приватна архива

Текстовите се посебна приказна, оригинални и реални, понекогаш и опоменувачки. Што би рекле вие „без лигавање“, повеќе во панк манир. Кој е авторот?

– Најчесто текстовите ги пишуваат Трале и Мац, иако и јас имам неколку, па и Божо. Повеќето се готови во стартот, но во некои и јас се мешам со предлози, што понекогаш знае да предизвика и расправија и лутење, се во контекст на оригиналноста, автентичноста, натпросечноста…

Со снимени седум албуми, а имате и винилно издание што е навистина реткост, имате амбиции, се она што го поседувате, да го пренесете и пошироко во регионот. Неодамна се подотворија вратите за една таква соработка со дискографската куќа „Фидбокс“ од Србија. За што станува збор?

– „Фидбокс“ е една фирма која се занимава со издавање винилни изданија. Газдата Горан Јовиќ има огромно искуство во тоа веќе 40- тина години и досега продуцирал голем број ЛП изданија за најголемите имиња од екс-Југославија. Драго ми е што се совпадна времето на неговата промоција во Скопје, со издавањето на нашата прва плоча. Инаку глобално винилните изданија се враќаат во мода, што е одлично. На тој начин на публиката можеме да и подариме нешто конкретно, материјално, нешто што би било симбол за нивната посветеност на нашата музика. Плочата можат да ја видат, да ја допрат, да ја споделат…За жал овие елемент се загубија во дигиталниот свет.

Мирко, на сцена си жив оган, поттикнувач на добри вибрации, а приватно, како кунг-фу мајстор, најверојатно се залагаш за пронаоѓање на мир и баланс, на откривање на своите вистински можности. Како овие две, навидум, контарадикторни работи ги вколопуваш во твојата животна приказна?

– Убаво кажано… навидум. Такви се вообичаените видувања и предрасуди. Сепак, до човековата посветеност е. За мене не само што сето ова не е контрадикторно, туку е и надополнување и мое целосно исполнување како личност. Доста слично како надополнувањето во нашиот бенд, иако стилски сите имаме различна припадност.

Кунг-Фу вештината ми дава сила, енергија, концентрација, фокус, за да можам да бидам слободен во креирањето музиката, а најмногу за време на живите настапи.

Оваа источна вештина е моја професија, како и масажата и акупресурата што ги работам заедно како професионален терапевт. Музиката, пак, ми дава експресија во рокенролот со став, мислење, игра и првокација да придонесам за нашата рок сцена и за културата воопшто. Нешто што го правам веќе 40- тина години.

Фото: Маја Јаневска Илиева

Од кого ти го наследи талентот за музика?

– Мајка ми имаше голем талент за музика и за јазици. Свиреше и на виолина, па така неколку пати заедно со сестра и, која свиреше мандолина, заедно музициравме, се разбира неофицијално. Инаку јас настапувам континуирано од својата 10-та година, во театарски претстави и на музички настани.

Дали твојата сопруга секогаш е на твоја страна кога е музиката во прашање?

– Мојата поубава половина ме запозна како музичар и „рокенролер“, па не само што тоа не и пречеше, во голем број случаи ми даваше и подддршка за моето залагање. Таа е еден од нашите најголеми фанови.

Колку во ова чудно опкружување наоѓаш време за средби со пријателите, на пример во кафе-барот „Браво“, каде што и падна идејата да се оформат „Работниците“?

– Различоста во пристапот кон рокенролот, а сепак чувството на заедништвото, најмногу се рефлектираше во дружењето во нашиот омилен кафе-бар „Браво“. Таму на идеја на Марјан Китановски – Мац и се роди оваа идеја за формирање на групата „К. У. Работници“. Дури и името е негово. Од почеток бев скептик што ќе биде од сето тоа, но потоа си реков: па ајде да се обидеме, зошто да не. Така и бидна.

И како човек и како музичар, несомнено оставаш траги на твојата животна патека. Дали се уште со истиот жар го живееш секој нов ден и каде се гледаш, на пример, за десетина години?

– Секој ден го имам истиот жар и за 10 години се гледам со истиот ентузијазам, ако даде Господ. За крај ќе го цитирам Леми од „Моторхед“: „Ако мислиш дека си премногу стар за рокенрол, најверојатно и си!“ Јас се уште не мислам така!