Можеби едни ја доживеаjа како природно чествување на 150-годишнината од објавата на Тријазичникот (еден од првите пишани материјали што ја докажува јасната посебност на македонскиот јазик), други како спектакуларен мултимедијален настан што ги спојува вештачката интелигенција и човечката креативност, но по средувањето на импресиите од изведбата на монодрамата „Ја, Ѓорѓија Пулески – роден су од камен“ излегува дека таа претставува нешто многу повеќе и нешто што дури ниту авторот Миле Бошњаковски ниту режисерот Бојан Трифуновски не можеа да го предвидат, а тоа е ефектот што го предизвика изведбата под отворено небо кај публиката, која конечно дочека Пулески да се „реинкарнира“ во неговото родно место преку актерот Рубенс Муратовски.
Животот на Ѓорѓија е толку содржаен, богат со настани и дела, што е повеќе од доволен за да може да се напишат обемни биографии, филмови и серијали за него. И кога ќе се направи резиме на монодрамата за Пулески, секако не можеше и не беше замислена да опфати сѐ. Нејзината цел беше да потсети на значењето на Пулески за Галичник, за Македонија, за Балканот, за Европа, за светот и за универзумот преку дел од неговите кратки, но клучни цитати, преку разговорите со неговите виртуелни современици Линколн, Толстој и Санд, како и преку немите акциони сцени, кои го доловуваат неговото учество во важни историски настани. Сето тоа придружено со спој од традиционална музика и модерни звучни ефекти.
Муратовски се појави како Пулески и го привлече вниманието продефилирајќи низ стрмните улици во Галичник на електричен велосипед и на тој начин го најави и карактерот на настанот како спој на историјата и иднината, а и карактерот на Ѓорѓија одразен преку напредните идеи што ги имал среде темниот период на 19 век. А откако беше означен почетокот на изведбата, стана јасно дека главниот актер ја има истата онаа застрашувачка појава од која непријателите бегале. Истиот намуртен поглед со широко отворени очи поради кои родителите со него ги плашеле тогашните деца за побрзо да заспијат. И конечно истата енергија за разговор, творење и за дејствување искажана преку зборот како камен, перото како оружје и рацете што речиси сизифовски се трудат да ги поткренат јажињата за кои е врзана неговата земја, поради која кај дел од неговите современици оддавал впечаток како голем занесеник. Но во петочната вечер немаше простор ниту за страв ниту за потсмевање, туку само за огромно воодушевување од перформансот на воскреснатиот Пулески.
Меѓу позитивните коментари од присутните во публиката, која го преполни амфитеатарот на „Упија“, беше и оној дека монодрамата заслужува изведба и во Скопје и на други места. Но тешко дека некоја друга сцена може да ги прикаже битките што вклучуваат и војници на коњи, а незамисливо е и громогласните реплики на Ѓорѓија да одекнуваат во празно наместо од галичките камени куќи и од карпестата околина.
Една од клучните пораки што ја упатува монодрамата е дека кога еден човек се бори за праведни идеали, упорно учи, запишува, дебатира, твори и споделува, дури и без формално образование, тогаш останува запаметен барем од дел од генерациите што му го должат својот општествен напредок. Конкретно ние, неговите потомци од Галичник и од Македонија, му должиме и многу повеќе – да ги чествуваме неговите остварувања со уште поголеми настани, да ги претставуваме пред луѓето што сѐ уште не се свесни за неговата големина и да го дадеме својот придонес за општиот прогрес. В.Г.