Фотомонографијата не е само омаж за еден фотограф, таа е благодарност од еден град за човекот што повеќе од четири децении ги чуваше неговиот лик и сето она што навистина вредеше да се запомни
Меѓу многубројните културни настани во рамките на манифестацијата „Тиквешки гроздобер“, годинава значајно место имаше промоцијата на фотомонографијата на најголемиот хроничар на повоениот развој на Кавадарци, Бранко Ивановски, на која присуствуваа и најблиските членови на неговото семејство.
Со над 605 фотографии во ова луксузно издание, монографијата на Бранко Ивановски ни овозможува патување низ минатото на градот, доближувајќи ни ги заборавените моменти што сведочат за едно време исполнето со незапирлив развој и напредок на Кавадарци.
Уште во 2001 година, Бранко Ивановски од својата богата архива и донираше на Музеј- галеријата во Кавадарци околу 3.000 фотонегативи, 300 фотографии и 1.500 слајда. За подоцна остави аманет, по неговата смрт, неговото семејство да ја зголеми донацијата на околу 7.000 фотонегативи и дијапозитиви. Од нив, главниот уредник Јаким Зимовски, авторот на проектот Трајче Цветков и фотографот Тони Коцев, задолжен за репродукциите и графичкиот дизајн, внимателно селектираа над 700 фотографии што датираат од 1948 до 1987 година и ја подготвија фотомонографијата во издание на Музеј-галеријата во Кавадарци.
Фотомонографијата не е само омаж за еден фотограф, таа е благодарност од еден град за човекот што повеќе од четири децении ги чуваше неговиот лик и сето она што навистина вредеше да се запомни. Фотографиите се поделени во неколку циклуси: старо Кавадарци, урбанизација и индустриски развој, значајни прослави и значајни личности, „Тиквешки гроздобер“ во периодот од 1965 до 1981 година, спорт, култура и секојдневие во градот.

Бранко Ивановски веднаш по неговото прво вработување во Околински народен одбор како технички секретар, каде што секојдневно се влеваа сите значајни информации, се определува да известува преку дневниот печат за настаните во општината и оттогаш датираат неговите почетоци во новинарството. Во 1946 година станува дописник на „Нова Македонија“, потоа и на „Вечер“. Со пуштањето на телевизиската програма во Република Македонија, тој веднаш станува дописник на оваа медиумска куќа и со слика и тон катадневно известува од Кавадарци и Неготино. Бранко Ивановски прв во Кавадарци ја добива камерата „болекс“ од Македонската телевизија и, благодарение на неговата дарба и префинета смисла за афирмација на седмата уметност, паралелно со своето работно ангажирање започнува совесно, макотрпно и упорно да го регистрира, документира и овековечува времето во кое живееше за да им остави на идните генерации непроценливо богатство за градот Кавадарци.
На Бранко Ивановски фотографијата му беше најголема преокупација и секојдневно се дружеше со фотоапаратот и камерата. Својата збирка фотоапарати ја чуваше со посебно внимание. Тој имаше повеќе фотоапарати: „смена-6“, „зорки-4“, „практика“, „пентагон“, „хоризонт“, „мамиа“, како и најмногу употребуваните „јашика“ и „јашика- ге“.
Анализирајќи ги неговата целокупна активност и растежот на општината Кавадарци во повеќе области, тој беше вистински пример како навремено и педантно се извршуваат новинарските задачи, за што неоспорно беа потребни голема љубов, трпение, упорност и визија за времето што доаѓа. Неговиот аманет е целата негова документација семејството да ѝ ја подари на Музеј-галеријата за нивно трајно користење, да се запомни, бидејќи тој не фотографираше за да биде запомнет, тој го фотографираше Кавадарци да не биде заборавено.