Изложбата на фотографии која денес во 12.30 часот ќе биде отворена во музеј- галеријата во Кавадарци ќе овозможи да се види ексклузивниот златен антички наод кој во 2008 година беше пронајден на локалитетот „Ормански гроб “ што се наоѓа на само 200 метри јужно над неготинското село Тремник. Имено овие златни археолошки предмети се едни од најрепрезентативните во Македонија, единствени на Балканот и пошироко со огромна археолошка и уметничка вредност.
Оваа несекојдневна изложба во музеј-галерија особено е значајна што локалитетот „Ормански гроб“ е исто така во непосредна близина на градот Кавадарци на една доминантна позиција која овозможува непречена комуникација и преглед со Дреновската клисура и околните возвишенија како што се Клепа, Серта и Кожув
Планина.
Податокот дека овие златни предмети заедно со златната маска и нараквица од Охрид како врвна изработка во областа на филигранството и гранулацијата беа презентирани во Келтен – Ромер Музеј во Манхинг Германија е причина повеќе да се посети изложбата која се состои од 30 фотографии. Златниот антички наод се состои од две монети – статери и тоа една од Филип Втори и Александар Tрети, златен ѓердан составен од висулци во вид на лешник, два ѓердани составени од кружни алки со еден ред гранулации, медаљон со претстава на Посејдон, една тоалетна кутија (пиксида), ѓердан со кружни алки со три реда гранулации, четири фибули, четири цилиндри како завршетоци на ѓердани и две палмети во срцевидна форма. Автор на изложбата е кустос советник Драгица Чекорова. Ми.М.