Фото: Диоген Хаџи-Коста Милевски

Изложбата на фотографии „Радост – прославата духовна пркос на народот“, со одбрани етнографски фотографии од фондот на браќата Манаки на битолскиот архив, поставена викендов во Заводот и музеј во Битола, во целост се вклопува во духот на фестивалот за народни игри и песни „Илинденски денови“.
– Со едно симболично име, радост, во оваа изложба се прикажани убави мигови од Битола и околината, на кои иако фотографиите се црно-бели, можеме многу живо да видиме каква била традицијата на нашиот народ и како прославувал. А тоа симболично се поврзува со „Илинденски денови“, радост и оживување на една традиција – истакна директорката на Центарот за култура во Битола, Маја Андоновска-Илијевски, на отворањето на изложбата.
Историјата на македонскиот народ е проследена со разни премрежиња. Лимитираните можности за културно-просветна еманципација, сѐ до создавањето на сопствена држава, го принудиле народот својата посебност и постоење да ги презентира преку обичаи, преданија, стил на облекување, песни, ора, панаѓури, веселби и свечености. Оваа изложба има за задача да ги истражи тие елементи, земајќи ја радоста како централна тема што се проткајува низ сите овие случувања. Камерите на неуморните трагачи по уникатен кадар браќата Манаки биле сведоци на многу од овие случувања, почнувајќи од отворањето на нивното студио во 1898 година, па до смртта на Милтон во 1964 година. Тие направиле стотици фотографии од семејни прослави, пикници, свадби, крштевки, народни собири, селски слави и слично. На оваа изложба е направен мал избор што ја доловува есенцијата на темата од тоа богато наследство, кое архивот го чува, заштитува и презентира.

– Кога ќе ги видиме фотографиите, тие зборуваат многу за семејството, за родот, за општеството, за хиерархијата. На сите овие фотографии може да се забележи кој го организирал настанот и кој бил главен на настанот. И во рамките на својата традиција, антропологијата на фотографијата ни го кажува тоа – вели Валентин Соклевски, стручен советник на изложбата.
Според него, фотографот прави една приказна на времето.
– На овие фотографии гледаме што се носело, какви панталони, какви шешири, шубари, дали пушеле тутун, дали пиеле, кои превозни средства ги користеле… Фотографот ја фаќа секундата во тој момент, во тоа време, со тие навики, со тие обичаи и ги остава за нас. Така и ние сега ги оставаме за понатаму – вели тој.
И покрај дигиталната технологија што ја користиме денес, сѐ уште не умееме добро да архивираме.
– Треба да го чуваме ова дигитално наследство, тоа е многу важно како сведоштво на еден момент, хронологија на настани, хронологија на еден живот, историја на еден народ – додава Соклевски.
Во Центарот за култура е поставена уште една изложба, „Македонско девојче“ на Раде Најдовски, која претставува дел од македонските женски носии како еден од најизразените уметнички изрази на македонскиот народ во минатото.
– Кога ќе ги погледнеме сликите во маслена техника на Раде Најдовски, инспирирани од народните носии од различни предели во Македонија, тие нѐ носат на едно патување низ времето, кога носијата го имала своето полно значење, и имаме чувство дека времето за миг застанало. Неговата прецизност и перфекција во сликањето на секој детаљ од носијата се навистина воодушевувачки, освојувајќи ги суштината и сложената убавина, но и улогата на овој дел од македонското културно наследство.

Неговата имагинација проникнува додека тој ги вплеткува елементите од секојдневниот живот од минатото во неговите композиции, прикажувајќи го не само ентериерот на куќата туку и живописните моменти насликани преку стомните, а со тоа и „одењето на вода“ – рече Наде Геневска-Брачик, етнолог, кустос-советничка во Заводот и музеј во Битола.
За делата авторот користел фотографии од народните носии од Македонија. Тој педантно ги исцртал носиите на Мијаците од Галичник, Крушево и Смилево, потоа оние од Битолско Поле, дебарски Дримкол, и тоа според цртеж од албумот на македонски народни носии од 1963 година, издаден од Музејот на Македонија.
– Неговиот творечки опус е долготраен и иако првенствено е посветен на сликање икони и фрескоживопис, тој наедно е разновиден. Како влијание од неговата творечка работа, ликовите на жените, девојките во народни носии до одреден степен потсетуваат на иконописните претстави што ги работи и оддаваат впечаток на достоинство, гордост и грациозност. Преку својата уметност, Најдовски мајсторски ги пренесува целосното значење и убавина на народната традиција, претставувајќи ја со живост – вели Геневска-Брачик.

Тони Гламчевски