Слаѓан Пенев, селектор на главната програма на фестивалот ИФФК „Браќа Манаки“
- Убавината на филмските фестивали е и во можноста да се видат филмови што често не можат да се најдат ни на редовниот кинорепертоар, а ниту на стриминг-платформите. Филмови создадени од автори што се обидуваат да понудат нови перспективи и филмови препорачани од синефили што имаат чувство за релевантност и квалитет на делото, вели Слаѓан Пенев
Слаѓан Пенев е селектор на главната програмата на фестивалот ИФФК „Браќа Манаки“. Како што зборува тој, ИФФК „Браќа Манаки“ е фестивал на кинематограферите и најважна е визуелната естетика. И тоа е првиот критериум според кој ги проценуваат филмовите во текот на 12 месеци помеѓу едно и друго издание на фестивалот.
Фестивалот почнува в сабота и ќе трае до 26 септември, подетално за програмата, критериумите, селекцијата и суштината на „Браќа Манаки“ разговараме со Слаѓан Пенев.
Годинава најавивте дека главната програма ќе вклучи нови филмови наградени на престижни фестивали како Кан, Берлин, Венеција, Локарно и Торонто. Како се одвиваше процесот на селекција? Кои беа критериумите што ги следевте?
– Да, главната програма се состои од филмови што биле промовирани во последните 12 месеци, т.е. од затворањето на програмата на претходното издание до затворањето на годинашната селекција. Во тие 12 месеци се обидовме да ги видиме филмовите во главните селекции на десетина најрелевантни светски фестивали и да направиме некој поширок список на филмови што се соодветни за програмата на ИФФК „Браќа Манаки“, за која, се разбира, главниот критериум е извонредноста во кинематограферското дело.
Наградите на големите филмски фестивали се релевантен аспект во носењето на конечните одлуки, но не и пресуден. Затоа оваа година имаме неколку филма што се добитници на главната награда или некоја од другите поважни награди на некој од тие фестивали, но не и филмот што ја доби, на пример, „златната палма“, главната награда на најпознатиот филмски фестивал во светот.
Она што особено ми е драго годинава во однос на процесот на селекција е што голем дел од филмовите што ги селектиравме ги добивме по повикот за аплицирање преку платформата „Филм фривеј“. Добивме околу 450 апликации, меѓу нив и филмови што добиле главни награди на важни фестивали. На пример, еден од нив е бразилскиот филм „Сѐ уште сум тука“, добитник на 67 награди досега.
Што можеме да очекуваме од главната програма „Камера 300“ оваа година во однос на тематските или визуелните трендови?
– Иако жанровски филмовите селектирани во програмата „Камера 300“ не би можеле да се подредат под некои доминантни теми, една од главните карактеристики речиси на сите овие филмови е обидот, а во најголем дел и успехот, на централните ликови да се надминат границите што им се наметнати во контекстот. Човечки граници, во смисла на физичка или психичка издржливост, општествени граници, во форма на законски или традиционални норми, кои често се наметнати за да го заробат слободниот дух на личноста и го заплашуваат со сурови казни, па и вредносни граници, кои можеби се најмалку видливи, но потребен е уметничкиот гениј за да нѐ увери дека со креативен пристап се надминале некои бариери што цивилизацијата или културата ги поставила.
Речиси во сите приказни што ќе ги претставиме во оваа програма го има надминувањето на состојбите со вложување вончовечки напори, наоѓање невообичаени решенија или преземање ризични чекори, кои не се карактеристични само за храбрите туку понекогаш и за плашливите луѓе. И затоа сметам дека се важни приказните за необичните херои – не само суперхероите со нивните суперспособности – туку оние што ги надминале стравот, неизвесноста, непознатата територија, со некоја понекогаш неочекувана, а понекогаш и дрска одлука.
Кинематограферите секогаш ја имаат битната улога да создадат интимна атмосфера меѓу ликовите и гледачот, или едноставно да го „гушнат“ карактерот со онаа светлина со која најдобро ќе ги прикажат неговите предизвици. Поголемиот дел од денешните кинематографери за тоа ги користат дигиталните камери, но сепак има и некои што им даваат предност на аналогните, 16 и 35-милиметарски формати, верувајќи дека сѐ уште се ненадминливи во дофаќањето на текстурата и боите. Драго ми е што и во годинашнава селекција имаме и неколку такви примери, снимени на филмска лента или снимени поедноставно, речиси документаристички, без авторите да се потпираат премногу на новите технологии.
Што сѐ публиката ќе може да погледне… и што, според вас, не треба да пропушти?
Публиката во Битола ќе може да види дела со врвна естетика, дела што демонстрираат извонредност во уметничкиот пристап на нивните автори, а меѓу нив и дела што ја одбележаа годината што измина од одржувањето на претходното 45-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“. За дел од нив сум уверен дека ќе постигнат и култен статус меѓу посебни категории филмофили. На пример, шпанско-францускиот филм „Сират“ на режисерот Оливер Лаше и кинематограферот Мауро Херсе, снимен во пустините на Мароко и Шпанија, е едно интензивно и возбудливо патување во кое љубителите на филмот ќе препознаат естетика што можеби ќе ги потсети на нешто што го виделе во филмовите „Лудиот макс“ и „Забриски поинт“, и кој ја доближува културата на една заедница што патува на рејвови низ разни катчиња од планетата. Филм според кој мислам дека ќе се памети 2025 година.
За љубителите на општествено ангажираните филмови, топло го препорачувам британско-португалскиот филм „За паѓањето“, на режисерката Лаура Кареира и кинематограферот Карл Киртен, направен „по рецептот“ на Кен Лоуч, со болно навлегување во метастазите на денешниот капитализам. Сличен пристап има и грчкиот режисер Александрос Авранас, кој во соработка со кинематограферката Олимпиа Митилинау претставува една речиси дистописка слика на шведската бирократија и шведскиот здравствен систем во филмот „Тивок живот“.
Филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска ќе го отвори фестивалот. Како дојде до одлуката токму овој филм да ја отвори програмата и каква симболика носи со себе?
– Немавме претензии да се занимаваме со симболики кога одлучивме ова да биде филм на отворањето на 46-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Драго ни е за успехот што го постигна „Мајка“ и драго ни е што имаме филм режиран од македонска авторка.
Фестивалот ќе се затвори со „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски. Колку македонски филмови се застапени во главната програма и како стојат тие во однос на интернационалната конкуренција?
– И „Диџеј Ахмет“ е филм на кој се гордееме, особено што тоа е дебитантски филм на еден талентиран млад режисер – Георги М. Унковски, и особено што е во тандем со уште едно момче што ветува, кинематограферот Наум Доксевски. Познавам филмофили што трпеливо чекаа цели осум месеци (од премиерата на „Санденс“) за да го видат овој филм таму каде што најмногу заслужува да се види – на големото платно. И тоа во една од најдобрите киносали во Македонија, во Центарот за култура во Битола.
Верувам дека последниве десетина години повеќе од половина од поновите домашни филмови се на квалитетно ниво со кое заслужуваа да се најдат на главните програми на највлијателните филмски фестивали во светот. И знаејќи кои македонски автори снимаат или подготвуваат филмови наредниов период, сигурен сум дека и на следните изданија на ИФФК „Браќа Манаки“ ќе имаме по најмалку два домашни филма во главната програма.
Што лично Вас најмногу Ве радува во годинашната селекција?
– Ме радува што имаме неколку филма кинематограферски потпишани од автори што и претходно биле гости на нашиот фестивал. Виржини Сен Мартан веќе двапати беше добитничка на „сребрена камера 300“ на ИФФК „Браќа Манаки“ – во 2007 година за „Јас сум од Титов Велес“ и во 2013 година за „Танго Либре“. Наум Доксевски, кој претходно учествуваше во 2021 година на ИФФК „Браќа Манаки“ со „Сестри“ и две години подоцна со „Домаќинство за почетници“, кога доби посебно признание за кинематограферска работа. Лани литванскиот кинематографер Витаутас Каткус учествуваше на 45-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ како кинематографер на филмот „Токсично“ и ја доби наградата за најдобра фотографија во конкуренција за најдобар европски ло-кап филм, а годинава имаме негов филм во главната програма – „Посетител“, каде што тој е потпишан и како режисер и како кинематографер. За овој филм тој беше и награден со награда за најдобра режија на неодамна одржаниот филмски фестивал во Карлови Вари. И повторно на ИФФК „Браќа Манаки“ ни се враќа кинематограферката Олимпија Митилинау, која во 2019 година беше претседателка на жирито на главната програма „Камера 300“, а оваа година нејзиниот филм „Тивок живот“ е во главната програма, како еден од филмовите во компетиција за наградите за кои ќе одлучи петчлено жири предводено од искусниот француски кинематографер Денис Ленуар.
Колку е важно денес, во ера на комерцијални платформи и стриминг-сервиси, да се задржи вредноста на филмскиот фестивал како простор за уметничкиот филм и кинематографија?
Ви благодарам за ова прашање, бидејќи сметам дека е суштинско. Мисијата на филмските фестивали е да се слави филмот, да се слават филмските автори, да се приближат филмскиот творец и гледачот, да се сретнат на настаните организирани во рамките на фестивалите – преку одржување предавања, дискусии по завршувањето на проекциите, прес-конференции, па и на влезовите на фестивалските киносали (не нужно на црвениот тепих).
Убавината на филмските фестивали е и во можноста да се видат филмови што често не можат да се најдат ни на редовниот кинорепертоар, а ниту на стриминг-платформите. Филмови создадени од автори што се обидуваат да понудат нови перспективи и филмови препорачани од синефили што имаат чувство за релевантност и квалитет на делото.
И, секако, филмските фестивали даваат многу прецизна информација и за филмската култура во еден град или регион, па и за општата култура. Споредбите се неблагодарни, но кога ќе отидете на некој филмски фестивал каде што се чека во долги редици за влез на секоја проекција на филм, тоа дава одлична слика за многу параметри за развојот на заедницата.