„Вардар филм“ – Скопје го реализира едукативниот проект „Различни приказни, заедничко платно“, наменет за деца од различни етнички заедници на возраст од девет до 13 години. Проектот има цел да поттикне пријателство, креативна соработка и меѓуетнички дијалог преку заедничка работа во областа на филмската уметност.
Во текот на дводневните активности, 20 деца ќе имаат можност да учествуваат во интерактивни филмски работилници каде што ќе се запознаат со основите на сценарио, камера, актерска игра и монтажа. Практичниот дел ќе биде под водство на филмски професионалци, а во наставната програма ќе биде користена книгата „Како да се сними филм“ од Радивоје Андриќ, која на едноставен начин ги претставува чекорите во создавањето филм.
Оваа иницијатива не само што ги едуцира младите туку и го ревитализира просторот на „Вардар филм“ како активен културен и едукативен центар.
Децата ќе развиваат лични сцени и идеи, притоа учејќи за различностите, споделувајќи култура и градејќи пријателства преку универзалниот јазик на филмот.
Координатор на проектот е Арсим Рамадани. Соработници се Марија Јовановска и Ивона Петкова, предавач по историја на филм е Арсим Лесковица, а за практичниот дел ќе предава Павле Игновски.
Проектот е во организација на „Вардар филм“ – Скопје.