Кинотека на Македонија

Априлската филмска програма на Кинотеката на Македонија нуди разновиден и внимателно куриран избор на филмови што ги слават историјата и влијанието на седмата уметност. Во фокусот се неколку тематски целини што опфаќаат култни остварувања, ретроспективи на легендарни автори и актуелни фестивалски наслови. Оваа програма не е само збирка на филмови туку и едно комплексно истражување на филмската уметност како медиум што ги одразува и обликува општествените, политичките и егзистенцијалните дилеми на своето време
Вечерва на програмата е филмот „Семето на светата смоква“ (Франција / Иран / Германија, 2023) во режија на Мохамед Рсоулоф. Унапредувањето на Иман во истражен судија се совпаѓа со протестите во Техеран по смртта на една млада жена. Додека тој се бори со обемот на работа, неговите ќерки се затечени од настаните, а неговата сопруга се обидува да го издржува семејството. Кога ќе му исчезне пиштолот, тој се сомнева во нив. Филмот освои две награди на „Канскиот фестивал“ во 2023 година, а беше номиниран и за „оскар“ во 2024.
На 14 и 15 април ќе го видиме „Приказна за Трамп“ (САД / Канада / Данска / Ирска, 2024) во режија на Али Абаси со Џереми Стронг, Мариа Бакалова, Себастиан Стан. Приказната за тоа како младиот Доналд Трамп ја започнува својата бизнис-кариера со недвижности во Њујорк во 1970-тите и 1980-тите години, со помош на озлогласениот адвокат Рој Кон. Ова е последниот филм на иранско-американскиот режисер Али Абаси, познат по неговиот трилер што се случува во Иран, „Свет пајак“ (2022). Во овој филм милјето е сосема поинакво – американската политичка и бизнис-елита и подемот на Доналд Трамп.
На 16 април на програмата е „Патување пеш“ (документарен филм, Велика Британија) во режија на Тамара Котевска. Извонреден уметнички обид што го следи патувањето на Амал, кукла висока над три метри. Амал е млада бегалка што патува од сириската граница во Турција, по должината на Европа, обидувајк?и се да најде дом. Филмот содржи мешавина од синема-верите и фантастични, делумно напишани сцени, кои создаваат бајка за возрасни.
На 2 април во Кинотеката ќе биде прикажан „Објаснувања за сѐ“ (Унгарија / Словачка) во режија на Габор Реиш. Лето е во Будимпешта, средношколецот Абел не може да се фокусира на завршните испити поради безнадежната љубов кон својата најдобра пријателка Јанка. Разумната Јанка страда и од невозвратена љубов кон оженетиот учител по историја Јакоб, кој има конфликти со конзервативниот татко на Абел. Тензиите во поларизираното општество неочекувано излегуваат на површина, а испитот по историја во средното училиште на Абел се претвора во национален скандал.

В.Д.


Вечер посветена на Коле Манев

На 25 април во Кинотеката ќе се одржи Вечер посветена на Коле Манев (1941-2025). Ќе биде прикажан „Тулгеш“ (документарен филм, 1977), филм во негова режија и по негово сценарио.
Коле Манев, во 1977 г., по сопствено сценарио, го реализира своето најпознато филмско дело, едночасовниот документарен филм именуван според романскиот прифатен дом за сместување на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција. Во овој филм, кој претставува ремек-дело на македонската документаристика, Коле Манев на визуелно супериорен начин ја раскажува трогателната приказна за одисејата на децата, кои се принудени да ги напуштат своите домови во Егејска Македонија и да престојуваат во источноевропските земји, како и уште потрогателните средби со родителите по долги години, кога децата веќе се возрасни луѓе. „Тулгеш“, истата 1977 г., на тогаш престижниот Фестивал на југословенскиот документарен и краткометражен филм во Белград, е награден со главната награда, „Гран при – голем златен медал за режија“.
Ќе го видиме и „Еко-скоп“, исто така во негова режија. Во овој краткометражен игран филм, Коле Манев, покрај сценарио и режија, е и директор на фотографија. Ова визуелно супериорно дело е реализирано за време на корона-кризата и ја раскажува интересната приказна за уличен собирач на картони чија активност се следи низ четирите годишни времиња.
Вечерта ќе биде прикажан и филмот „Мост“. Единствен долгометражен игран филм на Коле Манев, реализиран по сопствено сценарио, со финансиска поддршка на Советот за радиодифузија, во 2006 г. Филмот е снимен во живописното Кратово, а филмската приказна следи трогателна љубовна врска од 19 век.