Кристијан Костадиновски за дебитантскиот „Боите на темнината“

„Боите на темнината“ на режисерот Кристијан Костадиновски е дебитантски филм, реализиран во рамките на Програмата за развој и продукција на дипломски или дебитантски краткометражен игран филм на фестивалот на медитеранскиот филм „Преку езерото“. Но во исто време е и дипломски филм на сега веќе дипломираната студентка по камера за филм и телевизија на ФДУ Ана Павловска. Филмот е интимен и психолошки портрет на младиот уметник Денис, кој се соочува со своите граници во потрагата по совршената слика. Тој има постигнато некаква слава и успех, но, и покрај тоа, верува дека ќе умре како неостварен и медиокритетен уметник.
– Преку ликот на Денис се истражува/прикажува како големата самокритичност и неприфаќање, кога одат до крајност, водат до самоуништување. Тој фаустовски си ги (про)дава очите на ѓаволот за да го наслика најсовршеното дело, но тоа го прави уште понесигурен во неговите способности и верува дека никогаш нема да го достигне врвот. Со филмот се поставува прашањето што сѐ би жртвувал некој човек за да ја оствари својата цел – ни сподели режисерот Кристијан Костадиновски.
Во филмот глумат: Стефан Вујисиќ, Ана Грамосли, Жаклина Ангелеска Костадиновски и Иван Вртев. Филмот е сниман со ари алекса класик во 24 фрејмови, во 16:9 формат, со времетраење од 13 минути и 5 секунди.
– Пред да почнеме со снимање, носевме 20 слики од Леон Тенев и Дорина Тенева, млади уметници, мои пријатели. Им реков дека ми требаат луѓе да ми помогнат, и кога пристигнавме на локацијата, седум лица веќе нѐ чекаа да ги однесат сликите. Така што уште пред да почнеме со снимање, во многу ситуации имав неочекувана поддршка и се чувствував многу благодарно. На почетокот снимањето беше постресно бидејќи не ги познавав сите од екипата. Но кога видов дека сите работат со голем интерес и посветеност, се опуштив. Кога заврши снимањето, ние со директорката на фотографија Ана Павловска доснимувавме некои едноставни кадри. И Милан (гаферот) и Иво (шарферот), по 14 часа, од кои речиси 12 ги поминавме снимајќи, дојдоа да ни помогнат, без да ги викнеме, за да бидат и тие последни кадри добри. Многу сум им благодарен на Ана Павловска и Софија Христовска за успешната организација, со кои повеќе од еден месец секојдневно планиравме и организиравме сѐ, до најситни детали. И покрај тоа, се јавуваа недоразбирања и проблеми од различен карактер, но ништо што не беше решливо – ни изјави Кристијан.
Снимањето се одвиваше на три главни локации.

– На ФЛУ – во „Сули-ан“, каде што однесовме 40 парчиња мебел за да го живнеме ателјето, снимавме на ФДУ и во околината на факултетот, и уште еден ден во КИЦ и околината – информира Кристијан.
Поддршката од продукцијата и фестивалот „Преку езерото“ е огромна и континуирана во текот на работата и од аспект на промоција.
– Не можам да наведам сѐ и да ги спомнам сите, но генерално се запознав со големи професионалци, како Јани Бојаџи, Алек Русјаков, Дејан Милошевски, Никола Поповски, со кои би можел да соработувам во иднина и да научам многу за филмот, но и за тоа како функционира филмскиот свет. Многу ми значеше поддршката и имав чувство на огромна благодарност за време на снимањето. Тоа чувство се должеше пред сѐ на поддршката од продукцијата, но и на сите што работеа посветено и неуморно за да се снима и заврши филмот.
Најголем предизвик ми беше претпродукцискиот период, кога треба да се комуницира со десетина луѓе истовремено и да се направи добра организација на активностите, за да се дадат адекватни задачи и насоки. И напорно беше да се задржи фокусот на сите потребни аспекти и ресурси. Иако тројца работевме активно во таа фаза, тоа сепак беше многу обемен и комплициран процес и деновите типично беа исполнети со 12 часа работа – посочува Кристијан.
Тој вели дека снимањето му помогнало да открие дека поседува високо ниво на дисциплина и трпение, неопходни за да се истера проектот до финална фаза.
– Од режисерски аспект, ме фасцинираше мојата способност за лидерство и соработка со толкав број луѓе, односно кога ќе кажам нешто, тоа да биде испочитувано и реализирано. Со текот на времето, станува навика и лесно се комуницира со екипата, која е посветена и знае што прави, а јас само треба да ѝ дадам сугестии. Фасцинантни ми беа количеството на посветеност што ја поседуваат и неуморната работа по 12-14 часа дневно. Мислам дека не можам да им се заблагодарам доволно.

И, секако, за многу работи дискутиравме претходно, а потоа требаше „само“ да се реализира главно мојата визија и во голема мера на Ана. Нашата сложност и разбирање помогнаа речиси беспрекорно да се одвива снимањето со толку луѓе, што за мене е едно ново и незаборавно искуство. И да не ги заборавам и актерите, кои, според мене, одлично си ја завршија работата, ги доловија ликовите според сценариото и мојата визија, особено Стефан Вујисиќ (главниот лик), кој одлично ги протолкува моите насоки за изведбата и ги надмина моите очекувања со својата креативност, трпеливост, професионалност и количеството на емоции што ги вложи во ликот – истакнува Кристијан.
Тој и понатаму планира да се надградува во оваа сфера, да снима филмови во кои верува, приказни што ќе предизвикаат емоции кај гледачот и ќе го поттикнат на размислување.
– Сакам да создавам филмови преку кои ќе се изразувам, да си ја градам мојата филмска биографија, да учествувам на фестивали, но и да експериментирам, да снимам реклами, креативни видеа и кратки филмови – ни изјави Кристијан.