Во пресрет на фестивалот „Преку езерото“ во Дојран

Четвртото издание на фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку езерото“ ќе се одржи од 7 до 12 август во Дојран. По вторпат, оваа година, ќе биде доделена наградата „Мето Јовановски“ за високо актерско достигнување во уметноста на филмот на актер од Балканот и Медитеранот. Лауреат годинава е големиот балкански, српски и македонски актер Лазар Ристовски.
– Човек што во својата речиси петдецениска кариера беше и сѐ уште е дел од најважните филмски случувања на Балканот и Медитеранот. Лазар Ристовски играше и во два македонски филма, едниот е „Јазол“, а другиот е „Збогум на дваесеттиот век“, но игра и една од позначајните ролји во култниот филм „Буре барут“ на македонскиот сценарист Дејан Дуковски. Лазар Ристовски е добитник на голем број награди и признанија на речиси најголемите филмски фестивали во светот, на Балканот, Медитеранот и во Србија, а добитник е и на најголемите национални признанија за неговата општествена и политичка ангажираност во неговата земја. Тој е основач и директор на филмскиот фестивал „Дуго село“, кој се одржува во Војводина во Србија – рече директорот на фестивалот, Јани Бојаџи.
Во чест на лауреатот, на првиот ден од фестивалот во Амфитеатарот во Дојран ќе биде претставен големиот актер, ќе биде прикажан негов одбран филм и потоа ќе следува разговор со Лазар Ристовски во кој ќе може да се вклучи и публиката, која ќе биде присутна во прекрасното опкружување на магичната филмска сцена покрај брегот на езерото во Дојран.
– Избрана селекција од најголемите остварувања на Лазар Ристовски како негово претставување ќе имаме во Гевгелија, каде што во три вечери ќе покажеме три избрани филма на Лазар Ристовски, заедно со селекцијата на кусометражната селекција – информираше Бојаџи.
Фестивалот и годинава во текот на пет фестивалски дена ќе ги промовира македонскиот филм, македонските автори, кинематографијата и култура со моќта на уметноста на раскажување приказни од нас, со нас и за нас. Но, исто така, ги промовира туризмот, историјата и духовните вредности. Оваа година програмата на фестивалот ќе се дисперзира и во Струмица и Гевгелија.
– Програмата на минатото издание на „Преку езерото“ беше составена од три селекции: филмови за деца и млади, краткометражни играни и документарни филмови и официјалната селекција на долгометражни играни филмови, која беше најдоброто од Медитеранот и Балканот за таа година од фестивалите во Македонија и регионот – рече Бојаџи.
Освен филмската програма, „Преку езерото“ во 2024 година реализираше и работилница за развој на сценарија и продукција за дипломски студентски играни кусометражни филмови, каде што многу успешно се претставија четворица студенти од универзитетите за филм и телевизија во Македонија.
За филмовите што се селектирани во официјалната програма на фестивалот информираше Небојша Јовановиќ, уметнички директор на фестивалот.
– Главната натпреварувачка програма оваа година ќе донесе шест свежи медитерански приказни, кои во себе носат силна провокација за сетилата на гледачите, во визуелна и наративна смисла, но и особена актуелност за она што важно се случува околу нас. Гледачите и јавноста во Дојран оваа година ќе имаат можност да видат една силна филмска програма преку која ќе доживеат исклучителна вештина за раскажување прикаски преку слики и звук или поточно со алатките на филмскиот јазик – рече Јовановиќ.
Тој посочи дека изборот на филмови е направен така што во нив има тематска разноликост и културолошки диверзитет, преку застапеност на повеќе културни матрици.