На 1 март во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржи 13-то по ред издание на фестивалот „Земјотрес“, единствена музичка платформа во земјава што ја претставува најновата музика издадена од македонската алтернативна сцена на талентирани автори и музичари. Уникатен во концептот, како целовечерен настан од голем обем, фестивалот нуди разновидна и богата програма. Во фокус ги става младите и надоаѓачки таленти, овозможувајќи простор и за веќе докажани музичари да претстават дел од својата најнова продукција.
И годинава фестивалот во МКЦ ќе понуди извонредна музичка програма на 20 музички изведувачи (бендови, соло-музичари, продуценти и диџеи на електронска музика) на три сцени (салата „25 Мај“, фоајето на киното „Фросина“ и „МКЦ клуб“). Единствен простор во градот што може да вдоми во текот на една вечер деветчасовна музичка програма и прекрасна градска публика – безмалку две илјади посетители.
На „Земјотрес 13“ ќе настапи дел од најмладата и надоаѓачка музичка сила на бендови, соло-изведувачи и електронски музичари, некои од нив со прв настап во живо. Помеѓу претставниците на електронскиот звук ќе настапат и Виктор Апо и енергичните Петков и Мораитов од „ОВЦ колективот“ со бектубек-сет од Скопје. И секако „Нема лабаво“ (Скопје), уште еден состав на музички ветерани, кои претходно членувале во многу панкрок-состави, овој пат водени од лидерот на бендот на Ѓоко Зафировски. Кор-тимот што стои зад ова издание на фестивалот се: Филип Тасевски, Виолета Качакова и Тејка Васиљевиќ.
– Фестивалот „Земјотрес“, кој има инди-пристап на самоодржлива платформа и зависи исклучиво од бројот на продадени билети, е единствен не само во земјава туку и во меѓународни рамки. „Земјотрес“ е отскочна даска за најмладите музичари и им го трасира патот за понатамошен развој, видливост и можност за настапи на други фестивали. „Земјотрес“ го започнавме пред 13 години заедно со Мирко Попов и, во контекст на условите во кои функционира инди-културата, за нас секое ново издание и континуитет значат успех. Затоа со голема љубов ова издание му го посветуваме на Мирко, како човек што неуморно работеше да создава нови простори за поддршка на домашната музичка сцена – вели Тасевски.
Како мото на овој фестивал организаторите искористија дел од песната „Последната битка“ на Попов/ПМГ колектив, во која се вели „и да се опстане е победа“.