Снежана Коневски-Руси, Гоце Тодоровски и Соња Михајлова добитници на наградата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“

На 59. МТФ „Војдан Чернодрински“, на отворањето беа доделени три награди за животно дело, на тројца актери, од кои секој различно, со свој сензибилитет, даде многу за македонскиот театар. Со награди се закитија Снежана Коневски-Руси, Гоце Тодоровски и Соња Михајлова. Тие велат дека е неизмерна радост што фестивалот им ја вреднувал нивната уметност и одлучил да им ја врачи наградата. Доајенката на македонскиот театар, актерката од Македонскиот народен театар, Снежана Коневски-Руси, вели дека се изненадила кога ја примила веста за наградата.
– Сум заборавила на наградите, но оваа ме изненади. Јас секогаш повеќе мислев на следниот проект што го работев, на тоа што ќе режирам, бидејќи и дипломирав режија во Софија. Сега чувството ми е како првпат да добивам награда. А не ми е. Тука во ЦК во Прилеп по третпат добивам признание. Среќна сум што сум на сцената. Штом ги допрам штиците (сцената) значи постојам. Неизмерно сум радосна – вели популарната Снешка.

Потенцира дека со децении работела и создавала ликови, препознатливи за публиката.
– Нескромно, заслужна сум за многуте генерации што како „Снешка“ ги израснав. И родителите кога ќе ме сретнат велат – да, гласот ви го препознавам. Вие сте таа, Вие сте онаа. Јас велам дека се чувствувам горда. Но сакам да потенцирам дека без аплаузот на публиката, веројатно не ќе бев она што сум денеска. Можеби таа публика ме „хранела“ премногу за да можам да опстојам на сцената меѓу сите тие нови генерации. Едноставно се чувствувам дека сум мост меѓу велемајсторите во Македонскиот народен театар, Мери Бошкова, Љупка Џундева, Ќостаров, па Цветанка Јакимовска, Анче Џамбазова, мојата сосетка, пријателка, другарка. Едноставно, тие ми дадоа храброст да одам и натаму. Татко ми сакаше да студирам право, ама Снешка отиде криво, на факултетот (ФДУ). Потоа во радио, па во театар, на академија. Но веројатно тоа што најмногу сакав беше да сум на сцената. Сакав да ја гледам публиката, да го чујам аплаузот и да одам напред – вели Снешка, за која е многу важно да се користи македонскиот стандарден литературен јазик.

Играле речиси сѐ.
– Имав среќа што сум мала, па започнав да играм со деца. Со улогите бев дете, момче, девојка, па невеста, па кралица, слугинка, дворјанка, мајка и еве ме сега – баба. И во животот и на сцената сега играм улога на баба. Мојата височина можеби беше предност и изиграв секакви улоги, низ смеа и задоволство вели Снежана Конески-Руси.

Гоце Тодоровски вели дека наградата е доказ и признание дека тоа што го работел било одлично. Објаснува дека секаде каде што ќе отиде го препознаваат и дека цела Македонија е неговата публика, која речиси ги знае неговите ролји во театарот, на телевизијата, во „Македонските народни приказни“.

Горд е на постигнатото и малку на шега вели дека е многу радосен за наградата.
– Почестен сум. Се сеќавам дека во 1980 година кога ја добив фестивалската награда за најдобра машка улога во претставата „Солунски патрдии“, реков дека „Чернодрински“ е уште жив (се смее). И, еве, по 45 години ја добив наградата за животно дело. Задоволен сум, радосен. Резултат е на сето што сум го работел досега, на општо задоволство, мое и на публиката – вели Тодоровски, пофалувајќи се дека го носи и орденот доделен од претседателот на државата.

За него било предност што одиграл многу познати ролји и во театарот и на телевизијата по кои е многу препознатлив.
– На едно излегување, правам по 50 селфи-фотографии со граѓаните. Давам автограми и тоа ми годи. Многу ми е мило. Не ме прозиваат по име, туку ми викаат – глумец како си или легендо. Сметам дека сето тоа е резултат на мојата успешна работа. Имав многу улоги, но кога ме прашаа која улога ја сакам, одговорив – ја сакам улогата на Квазимодо (во Богородичната црква во Париз). Тој е познатиот ѕвонар. За друго не сум размислувал. Сум добивал улоги како за мене, според мојот карактер и сум ги правел најуспешно што сум можел. Тоа е доказ за сите признанија што ги имам и доказ за тоа што имам верна публика – вели Гоце, потенцирајќи дека младите актери треба да работат многу повеќе на суштината, а не само на формата.

Соња Михајлова целата своја кариера ја имаше во Битолскиот народен театар. Вели дека се вградила себеси на театарската сцена и дека особено ѝ значи наградата од фестивалот..
– Фестивалот за мене е празник и вреднување на театарската уметност и влогот во театарската уметност на театарските уметници. Како дел од културниот идентитет на Македонија и од таа причина секако дека оваа награда за животно дело ми значи дека сум оставила трага и печат врз културната театарска уметност – вели Михајлова.

За неа секоја ролја, а одиграла мошне многу, била нов предизвик.
– Секоја ролја, секој лик беше предизвик од самиот почеток. Сѐ се случува во различно време, во различна состојба на актерот, на човекот актер, така што, во одредени периоди сум имала еден лик што ми бил поблизок, другпат бил друг лик. Тоа е убавината на нашата професија. Постојано е нов предизвик – објаснува Соња Михајлова, додавајќи дека актерот нема многу заслужно место во општеството, дека актерската вредност е исклучиво важна, како и сето тоа што се случува во театарот и театарската уметност.

И на крајот Соња Михајлова ја упати пораката дека наградата за животно дело ја доживува не како конечен крај, не како крај на работниот век во нејзината институција, туку како актер еднаш и засекогаш.