(Мирјана Тренчева, „Ехо на светлината“, Академска мисла, Скопје, 2024)
Рецензија
Збити и плавни, да, но не само такви: и убаво замислени, и што нè замислуваат, и што се намерни болката, преку песна, во ведрина да ја пресоздадат. И, секако, успеваат во таа прочистена, во таа пречиста, во таа светлоносна намисла. Читателот што веќе ја имал в раце оваа светлосна лирика сигурно забележува дека и овој критичарски обид во нејзина пофалба сочинет, уште на почетокот тешко успева да се оттргне од привлечната магија на тоа „ехо од светлина“, на таа ефикасна и ефектна синестезија што ја укрепува, што ја армира структурата на овие заводливи песни, па текстов е во сериозно искушение да цитира, да се прихранува и да се освежува од позајмици на искри, на зраци и на блесоци. По толку незапирлив сепроткајувачки лирски порој, светлосен лирски потоп, како што попрецизно го определува нашиот исклучителен поет Ефтим Клетников уште во насловот на својот побуден поговор, читателот однатре бидува осветлен, „како со Сонцето кога разговара“. А тој светлосен порој, или потоп, го подземаат и го носат избрани лексички единици што се однатре преисполнети со голем светлосен товар што го истураат во стиховите целосно подготвени да го прифатат овој редок благослов. Тоа е блескава јазична дружина што ги населува сите стихови, сите строфи, сите песни, целата книга, но и потаму, во духот на читателот, сè онаму до крајните хоризонти до каде што се распростира светлосната благост. Еве, читајте: најпрвин изворот, исходиштето, врховното божество – Сонцето, а потоа утрото, залезот, Летото (со голема почетна буква, секако, зашто е преполно со велики снопови блесок, сјај и искрења), па потоа денот, пурпурот, светулката, снегулката, румени мугри, пурпурни свечерини, зеница, ѕвезди. Накусо, пак да се потпреме на убавиот и прецизен стих на нашата поетеса, овде „светлината во многу нијанси се рои“, овие песни на Тренчева „на сончев јазик“ се испеани. Впрочем, како и песните на нејзината лирска посестрима, современата македонска поетеса, суптилната Фима Клетникова, чии стихови во книгата „Талози“ исто така ни нудеа не ракатки, туку нарамоци блесок, сјај и светлина, зашто стануваше збор за лирика што го следи патот на искрата и што го става Сонцето во зборовите, како што своевремено беше нагласено во критиката. Оттука и не е случајно што во „Ехо на светлината“ токму на Клетникова ѝ е посветена една од најубавите песни, со наслов „Сонце во дланките држи“. Овде, пак, во стиховите на нашата истакната поетеса Мирјана Тренчева од тага ведрина се возродува, од мрак светлина се сотворува, што значи дека тука е во погон една творителна, творбена, креативна активност, тука непрекинато тече процес на сузбивање на демонстрациите на мракот, особено на оние негови упади во човечката интима, во поткревањето угоре спрема сјајот и ведрината, спрема областите и сферите на духовното спокојство. И не само ведрината и сјајот туку и питомината, хуманоста, човечката топлина, разбирањето и меѓусебната блискост, сето тоа се акценти со кои пред читателот се препорачуваат овие непосредни и топли стихови. Тие се гласот во одбрана од агресијата и од злото, се провикнуваат во заштита од угрозата, од севозможните демонстрации и посегања на сенките и на мракот, па ќе прочитаме:
Исконски грев е Цутот што ведрее да се скине Ведрината да свене
Лирското навраќање на Тренчева не ги одминува ниту историските слоеви, натрупаните настани од длабокото минато што еманираат од ископините и во нашите и во пошироките простори, преку асоцијативните навеви од лектирата макар, од информации за содржината на археолошките точки преполни со историска магла. Во оваа смисла во книгата прави особен впечаток циклусот „Во меморијата на времето вдомени“, од кој избива една поинаква светлина, еден сјај со тешка патина, заграб од магијата на одминатите столетија. Се работи за шурки светлина што се насочени спрема драмите, повредите, трагичните доживувања во временските пластови. Овој блесок е намерен да ги открие пред нашите духовни очи болките, патилата и несреќите на жителите од изминатите епохи. Таму, во тие пресечни точки на историските збиднувања сè е знак што упатува назад низ столетијата, тука минатото зрачи оддолу и затоа боите на мозаиците пламтат. Со тоа длабинско ехо на историјата се полнат стиховите и песните на Тренчева, па и тие пламтат со магичен, привлечен отсјај, всушност со прочистен лирски сјај. Се покажува дека светлината што ги исполнува песните на нашата поетеса е повеќеслојна, длабока и озвучена од далечните еха на историските случувања што протатнеле и низ овие наши предели во кои минатото не е она што минува, тоа трајно влијае врз пределот, му досипува дамнешна содржина што може да се собере и да се протолкува во песна, во стихови што се отвораат кон питомата наша страна.
Своите последни песни Тренчева ги сочинува преку една необична постапка, со едно инвентивно решение што ѝ овозможува лирскиот исказ да го соопштува од една емотивна височина, да ни се обраќа од специјален, утврден лирски пункт пред кој се одвиваат доживувањата и сликите што ги просејува и што ги удостојува со внесување во песна. Затоа нејзината поезија се чита како лирски извештај за возбудливи нешта што веднаш успеваат да возбудат, бидејќи се доживуваат како соопштенија надрочени не само со житејските искуства на лирското Јас туку и со длабоките лузни на историските, дамна одминати субјекти, кои своите драми и искушенија ги втиснале во преданијата, во градбите, во пределот, во историските провеви.
Прави особен впечаток што по читањето на песните од најновата книга на Мирјана Тренчева кај информираниот читател се јавува силно чувство на препознатливост, бидејќи лирската атмосфера што тие ја зрачат како сосема да се поистоветува со моќните доживувања што ги остава нејзината раскажувачка и романескна проза, исполнета со описи на индивидуални и на колективни судбини, со раскошни описи на родокрајната малешевска природа во која насекаде сè уште се незараснaти лузните од историските луњи и невремиња.
Санде Стојчевски