Во музејската куќа на мирис и вкус при Музеј – галеријата во Кавадарци беше отворена изложба под наслов „Невестински соништа“ – касели и ковчези од Битола и битолско чиј автор е д-р Мери Стојанова кустос советник, а куратор на изложбата виш кустос Томе Крстевски. Станува збор за фотографии и изработени модели копии на оригинали од колекцијата на ковчези и касели кои се дел од етнолошката збирка на НУ „Завод и музеј“- Битола сочинета од примероци кои генерално датираат од втората половина на 19. век и првата половина на 20 век. Како увертира на отворањето на изложбата Ангел Димитров ја исполни песната „Черешна се од корен корнеше“ која е карактеристична за обичајот кога невестата го напушта домот на своите родители
Ковчезите и каселите отсекогаш биле еден од повпечатливите елементи од куќниот мобилијар на македонската традиционална куќа. Но, вакви предмети се среќавале и во традиционалните живеалишта на различни народи во поширокиот балканиски културен ареал, како и во други делови од Европа. Затоа мошне е тешко да се утврди неговото потекло, меѓутоа со сигурност се знае дека присуството на ковчезите на македонска територија може да се следи уште од средината на средниот век и тоа подеднакво во христијански, муслимански и еврејски семејства.
Изложбата е насловена „Невестински соништа“ затоа што во обредните практики поврзани со подготовката и носењето на чеизот од домот на невестата во домот на зетот најчесто во минатото било поврзано со прекрасно изработени касели и сандаци украсени со нитни и кожа во зависност од имотниот статус на семејствата. Предметите во етнолошката збирка во НУ „Завод и музеј“ ги делиме во три групи и тоа ковчези застапени во руралните средини, касели-застапени во градските урбани средини и таканаречените патни сандуци. Ковчезите генерално ги изработувале селските полупрофесионални занаетчии, додека каселите т.н. мајстори – каселџии кои биле професионални занаетчии. Во периодот на 19 век во Битола постоеле пет мајстори каселџии кои се занимавале исклучиво со производство на касели вели аворот на изложбата Мери Стојанова.
Особено се интересни невестинските касели во внатрешната страна обложени со дезенирано платно во кои се овозможувало заштитување и чување на фустани иработени од свила и друг нежен материјал. Декорацијата на надворешната страна на каселата била изведена од различни материјали но во најголем број била комплетно обложена со кожа врз коа се поставувало метални елементи, апликации а на некои дури со метални нитни биле пишувани иницијалите на младоженците и датата на одржувањето на свадбениот ритуал.
Оваа несекојдневна изложба која не ве остава рамнодушен покрај тоа што раскажува многу приказни има за цел да ја прикаже слоевитоста на традиционалната култура, преку поединечни традициски обрасци, кои свој материјален облик добиле токму преку овие предмети. Убавината и естетиката на секој поединечен примерок кој го збогатувал домашниотб амбиент, воедно укажува на грижата која нашите претци ја посветувале на секој сегмент од нивното живеење, при тоа не одавјаќи внимание само на функционалното, туку и на уметничкото.
Според зборовите на Стојанова ова изложба досега е презентирана во сите поранешни југословенски републики, во Полска, Романија, Бугарија а во Македонија во Неготино и сега во Кавадарци. М.М.