Минатиот месец се одржа состанок на високи претставници на Обединетите нации на темата „Градење на реципрочно разбирање преку многујазичност“, на кој се пријавија постојаните мисии на Андора, Бурунди, Екваторска Гвинеја, Џибути, Шпанија и на Канада и Постојаната набљудувачка мисија на франкофонијата. Седницата беше повеќејазична, со симултан превод на шесте официјални јазици на ОН (англиски, арапски, кинески, француски, шпански и руски). Освен тоа, беше овозможен превод и на есперанто од тимот. Меѓу говорниците беа високи претставници и амбасадори на ОН, како и припадници на екипата за многујазична дејност, при канцеларијата на ОН во Женева и Мултисекторската регионална канцеларија на УНЕСКО во Бангкок, претставници на граѓански организации и научни експерти.
Хемфри Тонкин од УЕА и Ханс Беклин од Светската есперантска младинска организација, како и еминентниот научник Марк Фетерс од Центарот за истражување и документација на светските јазични проблеми, дадоа свои забелешки на есперанто. Другите говорници ги користеа арапскиот, англискиот, францускиот, шпанскиот и рускиот.
– Многујазичноста е темелен принцип на ОН и еден од предусловите за нашиот успех додека се соочуваме со бран светски предизвици – беше заклучено на средбата на која се дискутираше за јакнење на меѓународната соработка преку многујазичноста, која овозможува многустрана дипломатија што е суштинско за работата на ОН.
Мултилингвизмот е неопходен предуслов за градење, разбирање и солидарност меѓу луѓето и нациите врз база на еднаквост и распределба на знаењето и идентификација на заеднички решенија во однос на предизвиците што се испречуваат пред светот.
Состанокот претставува досега најсилна афирмација на есперанто, на собир на претставници во рамките на Обединетите нации. Во тој контекст, тоа е успешен момент во стратегијата на Универзалната есперанто асоцијација (УЕА) за унапредување на практикувањето на мултилингвизам во ОН и отвoрање на вратата за употреба на многу јазици, вклучувајќи и есперанто.
Превод од есперанто:
Татјана Шошолчева
Ропајкова