Фото: Приватна архива

Откако ги заврши промотивните обврски по добивањето на наградата „Милан Младеновиќ“ во Макарска, Хрватска и во Белград, Србија, актуелнава победничка, на овој регионален музички натпревар, македонската авторка и пејачка Елена Васова конечно се врати дома.

Според најавите, периодов Елена ќе им се посвети на македонските медиуми, но и на својот деби-албум. Ја чекаат интервјуата, гостувања на телевизии, …, но и многу нова музика која допрва треба да биде снимена. Тоа се песните кои доаѓаат по победничкиот сингл „Љубов“, а кои според својот квалитет воопшто не заостануваат зад него.

Фото: Приватна архива

Според планот, албумот на кој Елена и нејзините соработници максимално ќе му се посветат периодов, треба да биде објавен до почетокот на следното лето, кога ја чекаат настапи на „Арсенал фест“, фестивалот „Модро и зелено“, и секако на доделувањето на наградата „Милан Младеновиќ“ на 21 септември следната година во Макарска, кога ќе биде избран нејзиниот наследник.

Минатата недела Елена престојуваше во Белград каде се сретна со тамошните медиуми, а меѓу многубројните средби посебно ги истакнува гостувањето во емисијата „24 минути со Зоран Кесиќ“, каде беше музички гостин, но и интервјуто во култната радио-станица 202-ка, а се сретна и со новинарите на ТВ Нова С.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Зборувајќи за наградата „Милан Младеновиќ“, Елена истакна дека е интересен фактот што ова признание обединува, бидејќи потекнува од Србија, се доделува од Хрватска, а еве и годинава победи Македонија.

Милан Младеновиќ и „Екатарина Велика“ и тоа како се присутни во животот и работата на Елена, со дополнување дека нивното влијание и понатаму е се уште силно во целиот регион.

Фото: Приватна архива

Елена Васова е седмиот лауреат на наградата „Милан Младеновиќ“ и втор од Македонија, по Дина Јашари, која победи во 2022 година.

М.Т.