Светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ и камерниот оркестар „Профундис“ ќе настапат во Филхармонијата на 20 септември. Тие ќе приредат ексклузивен концерт во големата сала на Македонската филхармонија. Со почеток во 20 часот, ова музичко доживување ветува вечер исполнета со врвна уметност и незаборавни емоции, донесени од еден од најистакнатите виолинисти на нашето време.
Виртуозниот Стефан Миленковиќ е еден од најпочитуваните виолинисти на својата генерација, со долга и успешна кариера како солист и виртуозен виолинист. Неговите настапи ги красат сцените на најпрестижните концертни сали низ светот, а неговата изведба е позната по својата длабочина, прецизност и неверојатна техничка подготвеност. Во својата кариера, тој е добитник на многу награди и признанија, а во Србија ги носи титулите уметник на векот, најхумана личност, личност на годината и е еден од најпознатите српски уметници што градат кариера на сцените во светот.
– Поминаа повеќе од пет години од мојот последен концерт, па затоа со нетрпение чекам да се видиме во Скопје, град што има прекрасна публика и каде што имам многу пријатели – изјави тој како најава за претстојниот концерт.
На сцената Миленковиќ ќе биде придружуван од камерниот оркестар „Профундис“, познат по својата уникатност, виртуозна музикалност и креативност во настапите, што го прави еден од водечките камерни оркестри како во Македонија така и во регионот.
– Чест е да го имаме Стефан Миленковиќ како дел од нашата програма сезонава. Неговата виртуозност и страст кон музиката совршено се вклопуваат со уметничките стандарди на нашиот оркестар, а верувам дека публиката ќе ужива во еден од најдобрите концерти годинава – изјави Ѓурѓица Дашиќ, уметничка раководителка на камерниот оркестар „Профундис“.
Инаку, Миленковиќ со својата кариера започнал на само шест години, одржувајќи повеќе од илјада концерти пред да наполни 16 години. На само 10 години настапува пред претседателот на САД, Роналд Реган, на Божиќниот концерт во Белата куќа, следната година свири за Михаил Горбачов во Белград, а на 14 години настапува пред папата Јован Павле Втори. На 16 години го свири својот илјадити концерт во Монтереј, Мексико, а на 17-годишна возраст веќе победува на голем број натпревари за млади виолинисти.
На програмата ќе бидат изведени дела од П.И. Чајковски, Н. Паганини, К. Сен-Санс, Ж. Масне, А. Бацини и П. Сарасате, ветувајќи музичка вечер проткаена со финеси и грациозност какви што може да отсвират само Стефан Миленковиќ и „Профундис“.
Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот, со посебен акцент на оригиналноста на сите
концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во РСМ, Националната опера и балет и Националната филхармонија.
В.Д.