Ѕвездата на Париската опера, Роксан Стојанов е добитничка на наградата „Менада“ за врвни достигнувања во танцовата уметност за 2025 година. Наградата ја доделува бордот на интернационалниот фестивал „Танц фест“.
– Благодарение на извонредниот талент и уметничката визија, Роксан Стојанов се издига високо во балетската уметност, за што е промовирана во ѕвезда на Париската опера, како една од извонредните балерини што блескаат на балетското ѕвездено небо. Како уметница, Роксан Стојанов пишува историја во епицентарот на балетската уметност, исклучителниот балетски ансамбл на Националната опера во Париз, Франција, но и во нејзината втора татковина, Македонија, каде што остава ѕвездена трага во балетската историја – се наведува во одлуката.
Наградата ќе ѝ биде врачена на сцената на МНТ, на 29 април, кога ќе биде свеченото отварање на годинашната програма на „Танц фест“, со која се одбележуваат 35 години современа танцова сцена кај нас.
Роксан Стојанов има француско-македонско потекло. Таа своите први танцови чекори ги започнува во Скопје на осумгодишна возраст, кога престојува тука со семејството. Балетското образование го продолжува во Брисел, во 2007 година ѝ се приклучува на Школата за танц на Париската опера, а во 2013 година станува дел од балетскиот ансамбл на оваа престижна институција. Низ годините нејзиниот талент и посветеност биле препознаени преку многу признанија; во периодот од 2015 до 2022 година напредува во хиерархијата на операта и во 2022 година станува првенка на балетот. На 28 декември 2024 година го доживува врвот во кариерата, кога по нејзината извонредна изведба во балетот „Пакита“ на сцената на „Опера Бастилја“, Роксан е прогласена за ѕвезда на Париската опера – највисокото звање во хиерархијата на операта. Нејзината кариера опфаќа импресивен репертоар, вклучувајќи улоги во класични балети како „Жизел“, „Лебедово езеро“ и „Дон Кихот“, како и современи креации на реномирани кореографи.