Кон претставата „Хекуба, не Хекуба“ по текст и во режија на Тијаго Родригеш, во продукција на „Комеди Франсез“. Главни улоги: Ерик Џеновезе, Дени Подалиде, Елза Лапоивре, Лоик Корбери, Гаел Камилинди и др.

Рецензија

Древниот трагичар Еврипид, за Хекуба говори во своите две трагедии „Хекуба“ и „Тројанки“. Ликот на Хекуба е и филозофски, но и историски симптоматичен затоа што овој лик на некој начин е некаде меѓу реалниот и иреалниот свет во митските констелации. Овој драмски и „историски“ лик е интерпретиран на најразлични начини од многу книжевници. Се чини дека личната и политичката трагедија на Хекуба, која, кога ќе ја погледнеме приказната во Еврипидовата трагедија, е повеќе изманипулирана отколку хероизирана, е во нејзиното недоразбирање и поставување на нејзините моќи меѓу двете завојувани страни: Грчката и Тројанската. Тијаго Родригеш прави своја текстуална предлошка во која му приоѓа на драмското дело на Еврипид од онаа, најмагливата страна – осовременувањето. Навлегувајќи во процесот на создавањето на претставата, Родригеш ги отвора општествените и социјални проблеми на современиот свет низ континуумот на театарските проби и нивното влијание на личниот живот на актерите и актерките. Имено, Надја, актерката што ја глуми Хекуба, води друга борба со институциите надвор од театарот доживувајќи ги тензијата и недореченоста на современите општествени институции. Таа се бори низ судските лавиринти за нејзиниот аутистичен син, а Тијаго Родригеш го вмрежува ова конфликтно јадро во личните фрустрации на Хекуба, која од кралица станува робинка, но и сведок на погубувањето на својот син. Режисерскиот концепт на овој исклучително вешт и мудар театарски режисер се движи по дијагоналата театар–политика–живот во која актерите и актерките пулсираат во тектониката на митот, но и ги коментираат општествените и политички констелации на современа Франција. Во ова видување на Хекуба, Надја посегнува по „цивилизациското“ искуство на ликот што го толкува за да ги пронајде логиката и модусот за интелектуално преживување низ институционалните лавиринти. Ходниците од гробниците во Еврипидовата трагедија се еквивалент на сивите ходници во судските згради во режијата на Родригеш, но на еден многу суптилен, тангенцијален начин, кој повремено наликува на Сартровите полемики во „Заточениците од Алтона“ или можеби на дијалозите на Жан Жироду во неговата пиеса „Нема да има Тројанска војна“ каде што Хекуба е лик катализатор на јазолот на недоразбирањата од кои хероизмот е исцеден докрај. Велам лик-катализатор, затоа што Жироду повеќе е наклонет кон критичкиот однос типичен за Ануј или Сартр, па и војната и личните трагедии како нејзини рецидиви ги ресемантизира во денешни констелации.

Драмската предлошка на Родригеш (инспирирана од вистински настан) е и своевидно театарско сведоштво за рециклирањето на историјата и етичкото исплакнување на трагедијата во драма чии трагични состојки се вовлекуваат во животните процеси и повторно се враќаат во ситните историски движења како судбина. „Хекуба, не Хекуба“ е претстава за препознавањето на драмата во себеси, но и за препознавањето на трагичниот контекст на дваесет и првиот век чија емотивна гама е сѐ потесна, а омразата сè попродуктивна. Во трагедијата на Еврипид, Хекуба во еден момент вели: „О богови, поштедете ме од глетката на оваа неблагодарна сорта, на овие политичари кои се згрчени за услуги од разулавената толпа и не се грижат каква штета им нанесуваат на своите пријатели, под услов да им угодат на толпата! Кажи ми, на која слаба основа можеш да го оправдаш своето гласање за смрт?“ Гледајќи ја претставата имате чувство дека рециклирањето на историјата се протнува најмногу низ личните судбини чии миговни катарзи го создаваат лицето и наличјето на социолошката мапа во која нема многу станици, нема многу мудрости и нема многу емпатија. Но античките трагедии и не кореспондираат со емпатија, па можеби во феноменолошка смисла тоа е заедничката нишка на текстот на Родригеш со Еврипидовата „Хекуба“. Можеби и концептот, кој е совршено едноставен, натопен со лични и соодветни со трагедијата коментари, кои го градат она, најважното опкружување за споменикот, а тоа е личната, но и колективната припадност. Тијаго Родригеш е режисер што многу бавно, но многу сигурно го проблематизира современото политички и социјално движење и сите врвови на оваа претстава се всушност трагичниот крик упатен кон древноста на недоразбирањето, кое во денешно време има силен легитимитет и отворена диспонираност.
Надја на Елза Лепоивре е лик што согорува во двата пламена: нејзиниот гнев и липот и во оној на неоправдано жртвуваната „кралица“ Хекуба. Соборувањето од престолот во оваа извонредна актерска интерпретација е лесно лудило, кое Елза Лепоивре го одигрува преку танцот со кацигата на главата на музиката на Отис Рединг, лудило од кое подоцна се изродува и силната актерска експресија на ликот што се игра и себеси, но и Хекуба со совршено мудра дистинкција, лик што со својот дуализам нè потсетува дека актерскиот простор на експресија е бескраен, па длабочината на оваа нејзина улога нè воодушевува, а во исто време и нè замислува при обидот на препознавањето на театарската семилошка присутност во истата таа интерпретација. Надја е можеби Хекуба на нашето време иако, според Родригеш, детронизирањето на човекот значи празен трон, додека во Еврипидовата Хекуба тронот никогаш не е празен. Оваа ингениозно одиграна улога ни зборува и за естетиката на современиот театар, но и за една актерска енергија, која блеска со својот уникум, за една извонредно тешка актерка задача чија амбивалентност Елза Лепоивре знае добро да ја поведе и преку дистинкцијата на нејзиниот актерски организам да го направи ова режисерко видување уште поактуелно.

Овде се наметнуваат и другите актерски партии од кои би ги издвоиле Ерик Џеновезе (Корифејот и генералниот координатор на прифатниот центар и новинарот) и Дени Подалиде (Агамемнон и Обвинителот), чиј актерски дуализам нѐ потсетува на двојниот критериум во институциите чија модерна шема на недоразбирање е можеби и еквивалентна на едно време каде што милоста била уште непозната категорија. Ерик Џеновезе одлично го игра комичарот чија сатира е уште една димензија на оваа театарска претстава, додека Дени Подалиде импонира со „наместената“ суровост чија одредница се неутешните солзи на Надја.
Визуелниот аспект на „Хекуба, не Хекуба“ тоне во мракот на трагичниот хибрис низ едноставната, но совршено сигнификантна сценографија на Фернандо Рибеиро, која низ, овој пат, просторната дијагонала ги одомаќинува и древната трагедија, но и темнината на денешната непознатица создавајќи опкружување што потсетува на пештера во која во исклучително црните костими на Хоз Антонио Тененте заживуваат сите актерски сензибилитети и каде што бојата е само знак дека и мракот има свои нијанси.
Музиката на Педро Коста се движи во големи амплитуди, наметнувајќи чувство на осаменост и гнев, музичка илустрација што едноставно плени со својата волуминозност, но и со суптилноста во поодделни моменти од претставата.
„Хекуба, не Хекуба“ можеме да ја читаме и како современа бајка за жената чија несреќа морала да го почувствува вкусот на древната трагедија, но и како есеј што ни зборува дека недоразбирањето не може да има толку многу последици колку што може неговото прифаќање како начин на живот. Се чини дека Еврипид и во својот личен бунт како драмски автор, но и како една од драмските парадигми на човечката цивилизација ја доживувал генезата како поле за завојуваните страни на лудоста, која е едно од најдебелите сврзувачки ткива веќе неколку илјадалетија. Тијаго Родригеш само нè потсетува и нè обврзува да не се бараме себеси во другите, туку во нашата посебност и ако се обидеме да го рационализираме овој свет, сè она што е наше, сепак ќе остане наше…