Издавачката куќа „Или-или“ ги објави романите „Смртта на девојчето со кибритчињата“ и „Додека ја преминуваш реката“ на еден од најпопуларните и наградувани современи хрватски писатели, Зоран Фериќ. И двата романа се во превод на Владимир Јанковски.
„Смртта на девојчето со кибритчињата“ е првиот роман на Зоран Фериќ, објавен во Хрватска во 2002 година, по неколкуте успешни збирки раскази. На изглед едноставната криминалистичка приказна за убиството на локалната проститутка и потрагата по убиецот се претвора во виор од необични настани и бизарни ликови – од ексцентрични чудаци до на изглед обични мештани, кои ги кријат своите тајни. Малиот островски свет на Фериќ не е само кулиса – тој е огледало на нашето секојдневие, гротескна преслика на реалноста, која истовремено нè забавува и нè тера на размислување. Со доза фантазмагорична имагинација, романот ги истражува границите помеѓу нормалното и апсурдното, додека црниот хумор нè спасува од тежината на тој свет. Овој роман е објавен со поддршка на фондацијата „Традуки“.
Романот „Додека ја преминуваш реката“ е најновиот роман на Фериќ (2022), во кој мајсторски ја истражува суптилната рамнотежа помеѓу страста и табуата, минливоста на љубовта и вечните илузии. Инспириран од познатиот роман „Љубовникот“ на Маргерит Дирас, Фериќ пишува од перспективата на љубовникот, во едно поинакво време и простор. Неговиот текст пулсира со поетичност, страсна ирационалност и смелост што го предизвикува лицемерството на светот. Ова не е само роман за љубовта – ова е огледало на човечката природа, каде што возвишеното и вулгарното, нежноста и желбата се спојуваат во една електризирачка приказна што ќе ја паметите. Овој роман е објавен со поддршка на Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска.
Зоран Фериќ (Загреб, 1961) дипломирал југославистика на Филозофскиот факултет во Загреб. Објавува раскази во списанија и весници од 1987 година, но првата збирка раскази, „Стапицата за глувци на Волт Дизни“, ја објавува во 1996 година. Десет години подоцна за неа ја добива наградата „Декада“. За втората збирка раскази, „Ангел во офсајд“, објавена во 2000 година, ги добива наградата „Ксавер Шандор Гјалски“ и наградата на „Јутарњи лист“ за прозна книга на годината.