„Летото во кое мама имаше зелени очи“ од Татјана Цибуљак и „Млечни заби“ од Хелене Буковски се двата нови наслова што пристигнаа во книжарниците на „Три“ како новитети од едицијата „Нашите приказни“.
Татјана Цибуљак за овој роман има добиено неколку европски награди, наградата на Сојузот на писателите на Молдавија, наградата на културно-литературното списание „Опсерватор“ во Букурешт, „Опсерватор лицеум“ на фестивалот ФЛИТ во Романија, а во 2019 година беше добитничка на Европската награда за литература. Преводот од романски на ова нејзино дело е на познатиот македонски писател и преведувач Ермис Лафазановски. Хелене Буковски, пак, на книжевниот свет му е позната токму по овој свој дистописки роман. Многу книжевни списанија, како „Паблишер викли“ или „Киркус ривјус“, пишуваат со восхит за „Млечни заби“ како за роман што влијае освестувачки со најгорливите прашања на нашата цивилизација. Преводот од германски јазик го направи истакнатата македонска преведувачка Слободанка Поповска.
Двата романа имаат сосема различна тематика – „Летото во кое мама имаше зелени очи“ е емотивна приказна за последното лето што момчето Алекси го поминало со својата болна мајка, а „Млечни заби“ е извонреден и трезвен роман за тоа што значи да се живее со разорните влијанија на климатските промени. Она што ги обединува се маестралниот начин на пишување, оригиналниот стил и јазикот збогатен со мудрости за секојдневното постоење, со утеха и оптимизам во радоста на живеењето.
Со Хелене Буковски, преку нејзината модерна и мистериозна бајка, се запознаваме со едно необично семејство што живее на крајот на светот. Главната хероина не ги познава зелената трева или дрвјата полни со овошје, но добро ги знае човечките чувства. Со Татјана Цибуљак ќе научиме како да простуваме и да продолжиме со животот, двете најтешки задачи за луѓето што страдаат. Самата авторка за овој роман изјави: „Се обидов да бидам искрена и да се ослободам од моите чувства. Мојата најскапоцена награда ќе биде ако и вие го сторите тоа при читањето“.
Еднакво инспиративни и богати со неверојатни заплети, овие романи се совршено дополнување на едицијата поддржана од Европската Унија, која „Три“ веќе ја започна со новата графичка новела „Брчки“. Оттаму ни посакуваат новата читачка сезона да ја започнеме токму со извонредните романи на европските автори.