Какви се очекувањата за користењето есперанто во ЕУ
Етсуо Мијоши, почесниот претседател на „Свани корпорејшн“, еден од најпознатите есперантисти во Јапонија, на крајот на април 2024 година испратил писмо со копија од своите написи за есперанто, во осум главни весници, до околу 2.600 парламентарци во Франција, Германија и во Полска. Добил одговор од 33, а одговорите, како што вели, воопшто не ги очекувал.
– Три одговори беа негативни, со коментари: „во ЕУ, ние комуницираме директно на англиски, па не ни е потребно есперанто“, и „јас се сомневам во вештачки јазици“, а пет или шест дадоа нејасни одговори, од типот „да“ или „не“. Одговорот на Полска беше „не“ – вели Мијоши.
Следуваат другите одговори, наведени подолу.
Мариа Клајн-Шмајнк од германската Зелена партија:
– Ние веруваме дека со малку учење има можност да се овозможи комуникација, да се унапреди меѓународното разбирање и да се унапреди мирот.
Кристоф Шало, француски сенатор:
– Со интерес ги читам правилата на есперанто и ги споделувам неговите вредности на унверзалност, единственост и хуманизам, унапредени од ова движење.
Дирк-Урлих Менде, министер за култура на Долна Саксонија, Германија:
– Поддржувам да се направи есперанто да стане јазик за унапредување на меѓукултурното разбирање.
Малу Драјер од германскиот парламент:
– Англоговорителите имаат очигледна и јасна предност во ЕУ бидејќи се изразуваат на својот мајчин јазик, а оние што не го говорат и/или ограничено го користат англискиот јазик, можат само лимитирано да ги изразат своите идеи и ставови – соодветно на нивното ниво на познавање на англискиот јазик. Срдечна благодарност поради вашите напори и настојувања.
Сабине Грутцмахер од германскиот парламент:
– Дури и луѓе без вроден талент за изучување јазици можат да постигнат одлични резултати со есперанто.
Мниколас Дупон-Аигнан:
– Ако воведеме есперанто, ние ќе можеме да го избегнеме англоамериканското владеење. Јас планирам да се кандидирам на наредните француски претседателски избори – по три години, и да го воведам познавањето на есперанто како адут.
Жером Бусон, француски парламентарец:
– Мислам да ја (про)читам вашата книга. Есперанто е вредна алатка, која може да биде решение за унапредување и воведување поправедна меѓународна комуникација, како и за заштита на културната различност. Јас наполно ги поддржувам вашите стремежи.
Јорг Нурнбергер од германскиот парламент:
– Многу ви благодариме за вашето писмо и рекламите во главните весници и се надеваме дека заедничкиот јазичен проблем ќе биде решен.
Соланж Надиле, француски парламентарец:
– Јас им се восхитувам на вашиот ентузијазам и самопосветеност да се направи есперанто да стане официјален јазик на Европската Унија. Се надевам дека сте задоволен со напорите што ги направивте досега.
Жерар Лесул, француски парламентарец:
– Не можам доволно да ви се заблагодарам за вашето вложување за промоција и рекламирање на есперантото. Јазикот е богат, поедноставен и покорисен за европските комуникации, поддржувајќи проекти низ земјите на ЕУ. Да веруваме во вашиот успех и да одиме напред.
Штефен Котре, германски парламентарец:
– Предлогот есперанто да се направи официјален јазик на ЕУ е многу интересен, но треба внимателно да се размисли односот со многујазичноста.
Стефан Сежурне, министер за надворешни работи на Франција:
– Ние сме наполно свесни за предностите на есперантото и би сакале да го видиме неговиот развој во Франција.
Габриел Атал, француски премиер:
– Вие ги истакнувате предностите на есперантото и поради што треба тој да се направи заеднички јазик на ЕУ. Јас ќе му ги пренесам вашите намери на министерот за Европа и надворешни работи на Франција.
Марк Фесно, министер за земјоделство и храна на Франција:
– Вие ми обративте внимание на темата за развојот на есперантото и за вашите стремежи. Јас ве уверувам дека сум свесен и го ценам тоа.
Урсула фон дер Лајен, претседателката на Комисијата на ЕУ:
– Вие предложивте есперанто да биде „заедничкиот јазик“ на ЕУ. Сепак, ние сме силно посветени да ги унапредиме нашите 24 официјални јазици, но активно работиме на употребата и на други јазици.
(Ревија „Есперанто“, октомври, 2024 г.)
Превод од есперанто: Татјана Шошолчева Ропајкова