Со овој музички фестивал сметаме дека ќе го збогатиме културното живеење на градот и регионот и ќе придонесеме Струмица да стане културен и уметнички центар на Балканот, истакнува Васил Атанасов, селектор на фестивалската програма
И оваа година, во еден од најубавите месеци, Струмица повторно ќе ужива во звуците на класичната музика, изведена од врвни уметници што гостуваат на фестивалот. Фестивалот на класична музика „Класика – интернационален фестивал Струмица“ ќе се отвори денеска во НУЦК „Антон Панов“ со поздравна реч на Васил Атанасов и Костадин Костадинов, градоначалник на Струмица, а во разноликата програма публиката ќе може да ужива до 20 јуни.
Концертниот дел ќе го отвори пијано-дуото „Гелебашеви“, во фоајето, во 20 часот. Дуото е составено од Катерина Гелебешева Костадиновска и Глигор Гелебешев. Во сферата на камерното музицирање, пијано-дуото „Гелебешеви“ од почетокот на своето дејствување во 2001 година се наметнува како ансамбл со исклучително високопрофилиран квалитет во уметничката изведба, што гради успешна концертна кариера во Македонија и на многубројни интернационални подиуми низ светот. Дуото го сочинуваат двајца истакнати македонски пијанисти, Катерина Гелебешева Костадиновска и Глигор Гелебешев. Тие поседуваат богати и разнолики уметнички сензибилитети, обединети во успешна хомогена целина. Пијано-дуото „Гелебешеви“ е препознатливо на концертната сцена по уникатниот творечки перформанс, специфичен за изразито талентирани и врвно подготвени уметници што со своите инспиративни интерпретации умеат да ѝ го задржат вниманието и на најпребирливата публика.
Репертоарот на дуото „Гелебешеви“ е селекција на колоритни дела со разновидна стилска и жанровска определба што најсликовито може да го претстави естетскиот афинитет на двајцата уметници. Започнувајќи од класиката и Сонатите на Моцарт, концертните програми содржат оригинални дела за пијано – четири раце и дела за две пијана, со посебен нагласок на епохата на романтизмот: Шуберт, Шопен, Росини, Брамс, Дворжак, Шабрие, Лист, како и сите бои и звуци на дваесеттиот век – Дебиси, Равел, Рахманинов, Хачатуријан, Барток, Барбер, но и низа композиции од современи композитори од дваесет и првиот век.
Со цел промоција на македонската музичка култура надвор од границите на својата земја, дуото особено внимание посветува на изведба на пиеси од современи македонски композитори. А транскрипциите на познати оркестарски и камерни дела, подготвени од пијанистот Глигор Гелебешев, специјално за дуото, несомнено на нивните настапи им даваат дополнителна творечка и креативна димензија. Дуото „Гелебешеви“ претставува реномиран камерен ансамбл во Македонија што континуирано настапува во градовите низ земјата и на сите најзначајни фестивали во сферата на класичната музика: „Охридско лето“, „Златна лира“, „Денови на македонска музика“, „Хераклејски вечери“, „Интерфест“, „Скопско лето“, „Прилепско лето“, „Штипско лето“… Од 2005 година со настапот на Светскиот ден на музиката во Париз, пијано-дуото „Гелебешеви“ ја започнува својата интернационална кариера. Низ годините што следуваат се редат успешни концертни турнеи во: Италија, Холандија, Романија, Полска, Србија, Бугарија, САД, Турција. За својата плодна концертна дејност пијано-дуото „Гелебешеви“ е добитник на највисокото признание на Сојузот на музичките уметници на Македонија, наградата „Златна лира“ во 2012 година. Имаат и соработка со повеќе медиумски куќи во Македонија и во странство и реализација на две цеде-изданија.
И за ова издание, организаторите се потрудија да поканат извонредни уметници и камерни состави од различни земји и жанрови, со цел да ја збогатат културната понуда и да ја привлечат струмичката публика.
– Фестивалот на класична музика „Класика – интернационален фестивал Струмица“ најголемиот дел од програмата го посветува на камерната музика, но истовремено дава простор и за солистички настапи на истакнати уметници од земјата и странство. Во претходните изданија, на фестивалот настапија уметници од Србија, Бугарија, Грција, Словенија, Хрватска, а годинава и од Чешка, како и ние, чија идејата за овој фестивал потекна од нас – група професионални музичари од Филхармонијата, Операта и колеги од музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица. Целта беше да создадеме уникатен фестивал што ќе ја презентира камерната музика во различни состави: дуо, трио, квартет, квинтет, октет, хорови, камерни оркестри и др. Фестивалот со задоволство беше прифатен и поддржан од градоначалникот и Советот на Општина Струмица, а оваа година ја добивме и заслужената поддршка од Министерството за култура и туризам, за што им изразуваме искрена благодарност – истакнува Васил Атанасов, селектор на фестивалска програма.
Целта на организаторите е на најдобар можен начин да ја доближат класичната камерна музика до публиката, да ги поттикнат слушателите да ги почувствуваат различните бои и звуци на инструментите и да ги одведат во светот на волшепствата и убавините на музичката уметност.
– Струмица е град со богата културна традиција и историско наследство. Тоа е град што ги сака музиката, театарот, филмот, сликарството и културата во целост. Има традиција на значајни настани како Струмичкиот карневал, Фестивалот на камерен театар, филмски и ликовни манифестации. Со овој музички фестивал сметаме дека ќе го збогатиме културното живеење на градот и регионот, и ќе придонесеме Струмица да стане културен и уметнички центар на Балканот. Фестивалот ќе овозможи, покрај уметничките настапи од повеќе земји, градот да се промовира и како атрактивна туристичка дестинација – со своето богато културно наследство: Царевите Кули, манастирот „Св. Илија“, гробот на Струма, катедралната црква „Св. Леонтиј“ – Водоча, манастирите „Вељуса“ и „Св. Петнаесет Тивериополски маченици“, „Римската бања“ – Банско, Смоларскиот и Колешинскиот Водопад и другите убавини на Беласица и Огражден – посочува селекторот на фестивалска програма.