Рецензија
„Косово тиатар шоукејс“, одржан во Тирана, Албанија, од 29 октомври до 2 ноември, 2024 година, е дефинитивно најпосетениот театарски настан во Европа и тоа е индикатор за возбудата што ја носи театарската уметност на овие простори, но и за ангажманот на културната организација „Чендра мултимедија“, која е исклучително посветена. Визурата на последното издание беше малку поинаква. Настанот овој пат беше на две земји, кои ги поврзува ист јазик, Косово и Албанија. Одржан во Тирана, градот што дише со полни гради, град што се наоѓа на само педесетина километри од древната постојбина на Скендербег и каде што повторно се случи театар со целиот раскош на својата бунтовност и ангажман.
Директен и без влакна на јазикот, косовскиот театар проговорува за канцерите во политичката реалност, во која хипокризијата и слепоста се доведени до апсурд, а од чии стеги се повредува оној чистиот, наивниот и благонаклониот, кој за кратко ќе го бараме како Диоген човекот. Имено, во оваа особено сложена и густа програма, во сите пет дена фестивалот собра голем број театарски промислувачи и прагматици од регионот, а и од светот. Гостуваше големиот британски драмски автор Марк Рејвенхил, за чија работилница се пријавија голем број млади драмски писатели од регионот. Во културните центри „Артурбина“, „Кујтим Спахиволи“ и „Тула“ се одиграа претставите од Косово: „Шестмина против Турција“ по текст на Јетон Незирај, во режија на Блерта Незирај (продукција на „Чендра мултимедија“ и копродукција со „Герчек театарот“ од Истанбул), претстава што го актуализира случајот на шесте уапсени учители во 2018 година во Косово, кои биле насилно депортирани во Турција на еден мошне елоквентен, транспарентен и значенски мошне силен начин на режисерско промислување, каков што можеме со силна возбуда да очекуваме од талентот на Блерта Незирај, а секако низ острата и бескомпромисна драматургија на Јетон Незирај; потоа „Бели луѓе“ по текст на американскиот драмски автор Стивен Ли Морис, во режија на Бесим Угзмајли, една многу интересна театарска парабола што го отвора прашањето на расизмот во типично театарски рамки во современа Америка, „Прибежиштето на предавникот“, по романот на Исмаил Кадаре, во драматизација на Доринтина Баша, а во режија на Куштрим Количи и во продукција на Народниот театар од Приштина, претстава што како да ја искорнува традицијата од модерните политички и историски движења во Албанија, и „Тартиф“ на Молиер во режија на Чендрим Ријани, а во продукција на Градскиот театар од Гњилане – особено сложено режисерско видување на оваа класична „комедија“ што ни донесе многу дилеми за внатрешните превирања во современото толкување на социјалните аспекти во оваа драматургија. Од Албанија беа презентирани претставите: „Флаур сајза“, во режија на Ендри Чела, документаристичка претстава базирана на сведочењата на преживеаните од логорот во Тепелена, „Фауст“, по текст на Фабио Пизано (инспириран од Гетеовиот „Фауст“), во режија на Давиде Јодиче,, „Концерт“, по текст на Стефан Чапалику, во адаптација и режија на Џакомо Падрини, и „Васа Железнова“ од Максим Горки, во режија на Енке Фезолари, претстави со дијаметрално различни значенски предзнаци и концепти што се движеа од еден наивно прочитан реализам до документаристичкиот и постдрамски аспект.
Во густите театарски денови на овој настан имавме можност да погледнеме неколку претстави и од други земји, како што беа: „Интернационалци“ од Грција, по текст на Јетон Незирај, во режија на Актина Статаки – претстава составена од 22 вињетки што ги отвораат на еден фарсичен начин проблемите од политичките недоразбирања согорени во судот за воени злосторства во Хаг, и „Како научив да возам“ од Србија, од драмската авторка Пола Вогел, во режија на Тара Маниќ – дуодрама што со својата интимност и блискост повторно ја отвори проблематиката на димензиите на публиката и театарската публика, како и „верноста“, како можна театарска категорија. Тука беа и перформансите што се случуваа надвор од театарската сцена: „Орландо не свири на рог: митот и легендата за Отавио Ботеча“, по текст и режија на Рикардо Вентрела, а во продукција на фондацијата на Театарот од Тоскана, Италија, и во копродукција со „Театарот дела Вил“ од Париз, Франција, и со „Чендра мултимедија“ од Приштина, Косово, и „Поетски консултации“ со актери од Франција, Албанија и Косово, во продукција на „Театарот дела Вил“ од Париз, Франција, а во копродукција со „Театарот Пергола“ од Фиренца, Италија, и „Чендра мултимедија“ од Приштина, Косово.
Настанот беше збогатен и со придружни активности, кои беа повеќе од возбудливи, а кои главно се случуваа во културниот центар „Тула“ и беа поделени на неколку панели: „Театарскиот пејзаж во посткомунистичка Албанија“, „Театарот во јавниот простор“ и „Театарска интроспекција: справувајќи се со сопствените демони“. Во овој сегмент се случија и три настани од голема важност: дискусијата со претставниците на „Еуродрам – меѓународната мрежа на драма и превод“, модерирана од претседателот Доминик Долмие. На дебатата се говореше за историјата на оваа мрежа и за нејзините постигнувања, но и за идните движења во насока на усовршување на релациите: драмски автор-преведувач-театарски менаџер. На Меѓународниот театарски маркет, театарскиот режисер Зоран Ракочевиќ го претстави својот театар „Корифеј“ од Колашин, Црна Гора, Пантелис Флацусис од Грција својот проект „Теба: глобална граѓанска војна“, Наташа Трипни платформата „СЕЕ сцена“, Аурела Кадриу зборуваше за организацијата „Чендра мултимедија“, еден од главните организатори на сите досегашни настани, Ема Андреа – „Мултидисциплинарното уметничко движење“ од Албанија, Клаудија Пирули – „Тула центарот“, каде што и се случуваа голем дел од активностите, и Гергана Димитрова, претходно споменатиот „Еуродрам“. „Нови пиеси, нови светови“ е третиот особено интересен дел од придружната програма, чија цел е да претстави нови драматичари од регионот со театарско читање делови од нивните пиеси, кое многу инспиративно го изведоа млади студенти по актерска игра во многу елоквентната режија на Артемис Белули. Беа претставени театарските дела: „Тоалет“ на Ина Бачоши; „Двете лица на Јанус“ на Тобијас Џаџиу од Албанија, „Голи“ на Улиане Малоку од Косово, „Избраниот“ на Ева Камчевска и „Јас на некое друго место“ од Ана Ристоска Трпеноска од Македонија. Овие пиеси се новите драмски конструкти во регионот, а нивната презентација пред продуцентите и критичарите од Европа значи многу и за нив, но и за театрите што допрва треба да ги постават. Во едукативниот дел, големиот британски драмски автор Марк Рејвенхил ја водеше работилницата наменета за драмските автори, додека работилницата наменета за театарските критичари ја водеа Наташа Трипни и Том Масторф.
„Косовско-албанскиот шоукејс“ донесе многу нова, возбудлива театарска енергија, но и многу прашања што останаа да висат во воздухот, ја отвори онаа другата страна на театарскиот ангажман, која се чини нема многу време за чекање кога станува збор за промените во социјалните, политичките и општествените простори, не многу далеку од сцените каде што ги гледавме претставите. Актерската енергија, острите и бескомпромисни режисерки концепти, продуктивните средби на театарските уметници и практичари го прават овој настан Мека во европските театарски движења, но и место од каде што би требало да тргнат промените во театарот, а и надвор од него.
Сашо Огненовски