Со монодрамата „Кармен“, Драмски театар – Скопје денеска ќе учествува на 17. меѓународен театарски фестивал „ЕТХОС Анкара 2025“. Фестивалот се одржува од 16 до 26 октомври во главниот град на Турција. Годинава под мотото „Градот и театарот“ на фестивалот ќе учествуваат театарски уметници, амбасадори на културата, претставници на центри за култура и членови на граѓанските и невладини организации од над 20 земји. Публиката ќе може да ги следи театарските претстави и другите фестивалски настани на повеќе сцени низ Анкара.
Драмски театар – Скопје со монодрамата „Кармен“, во која ликот на Кармен го игра Биљана Драгичевиќ–Пројковска, учествувал на десетина меѓународни фестивали, и тоа во Грузија, Молдавија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија и во Албанија, како и на десетина гостувања во нашата земја.
Монодрамата „Кармен“ е создадена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од шпанскиот писател Мигел Делибес, а својата премиера ја имаше во мај 2021 година. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајковски.
Актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата Кармен има добиено неколку меѓународни награди и признанија.