Местно гледалишче љубљанско (МГЛ) по петти пат е домаќин на РУТА, регионалниот театарски фестивал. Овој ревијален фестивал од 2019 година на секои два месеца обединува шест театарски куќи од регионот на фестивалската сцена. Драмскиот театар од Скопје, сараевскиот Камерен театар 55, Београдско драмско позориште, театарот „Улисис“ од Загреб, Центарот за култура од Тиват (Црна Гора) и домаќинот Местно гледалишче љубљанско (МГЛ) ќе се претстават пред словенечката публика со копродукцијата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или туѓото го сакаме – нашето не го даваме“ и со претстави од драмската продукција на матичните куќи, во кои играат реномирани театарски и филмски имиња од регионалниот културен простор.
Драмскиот театар од Скопје во Љубљана гостува со две претстави – „Кармен“ и „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или туѓото го сакаме – нашето не го даваме“.
Во копродукциската претставата „Плејбои…“, работена по текст на Душан Јовановиќ, во режија на Иван Пеновиќ, играат актери од четирите уметнички куќи од регионот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ. По премиерата во август минатата година во Будва, претставата гостуваше на летните сцени на „Охридско лето“ и на Бриони, а потоа се играше на фестивалите РУТА во Скопје и во Белград. Гостувањето во Љубљана ќе биде дванаесеттата изведба на оваа претстава.
Актерката Билјана Драгиќевиќ-Пројковска на фестивалот РУТА во Љубљана ќе ја изведе монодрамата „Кармен“, работена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од шпанскиот писател Мигел Делибес. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајковски. Монодрамата од својата премиера во 2021 година има 47 изведби и учество на повеќе меѓународни театарски фестивали.
Основната цел на фестивалот РУТА, иницирана уште од самиот почеток на соработката, се потврдува и на овој фестивал со зајакнувањето на културните врски и надминувањето на националните граници во создавањето простор за нови уметнички соработки. Со текот на годините фестивалот стана препознатлив настан, кој не е само прослава на театарот туку и можност уметниците, техничките тимови и театарската публика на едно место да ги разменат своите искуства и да иницираат нови проекти.
































