Со монодрамата „Кармен“, Драмскиот театар денеска ја отвора официјалната програма на Интернационалниот фестивал на монодрама во Сеул, Јужна Кореја. Фестивалот се одржува од 17 до 26 март, во организација на театарот „Самилро Чанго“ од Сеул. Oвој театар е историски исклучително важен „мал театар“, кој се смета за центар на алтернативната и современа сцена во Јужна Кореја. Со меѓународниот фестивал посветен на монодрамата како специфична и исклучително предизвикувачка сценска форма, театарот успешно се позиционира на светската театарска мапа.
Со внимателно селектираната програма, фестивалот го потврдува значењето на монодрамата како силна и современа форма на театарски израз, која преку актерот како единствен носител на дејството успева да отвори универзални теми и длабоки човечки приказни. Фестивалската публика, покрај македонската претстава, ќе може да проследи осум претстави од Јужна Кореја, Полска, Јапонија, Романија и Италија, кои ќе понудат разновидни уметнички пристапи, современи сценски јазици и иновативни актерски изрази.
Монодрамата „Кармен“ е работена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од шпанскиот писател Мигел Делибес, а својата премиера ја имаше во мај 2021 година. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајкоски.
Актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата Кармен има добиено неколку меѓународни награди и признанија. Во Сеул ќе биде 49. изведба на монодрамата, која публиката може да ја проследи на редовниот репертоар на Драмскиот театар.
































