Кон романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски, „Матица македонска“, 2023 г.

Блаже Миневски е мајстор раскажувач, а користењето на историската граѓа е нешто на што може да му позавиди секој писател, и тоа е често поважно, или барем исто толку важно како и книжевното мајсторство. Во тој контекст Миневски е македонски Иво Андриќ. Без историската граѓа, Андриќ, на пример, би бил автор на „Ex ponto“, „Знакови покрај патот“ итн., но не и на „Мостот на Дрина“ и „Травничка хроника“. Во романот „Ако се родат некаква чувства“ на Миневски, Гарибалди има држава што сака да ја пресоздаде, а македонскиот Гарибалди допрва треба да создаде држава во облаците, дејствувајќи во две веќе постојни, но туѓи држави. Расколот на Македонија е во таа мала разлика, да бидеш Македонец во Македонија Непостојна, Македонија од Соништата, или да бидеш некаков Македонец во туѓа држава што веќе постои. Во таа смисла трагичната судбина на Македонија целосно се совпаѓа со трагичната судбина на Гоце – да ја прифатиш смртта како судбина, а идеалите и љубовта да им ги оставиш на други во аманет. А аманетите, идеално гледано, дури и кога се исполнуваат, се само бледа сенка на живиот живот и на вистинската љубов, кои, дури и да се случат, ќе се случат во друг и непрепознатлив свет. Должноста е ставена над љубовта, како што и татковината е ставена над животот. Затоа Гоце свесно ја прифаќа неминовноста на судбината и толку рано и лесно се простува од животот и љубовта, а од тоа треба да екнат сите седум неба. Едип го одвраќаат да не трага по вистината; Гоце го советуваат да не оди за Банско. Но дали може да се одложи патот за небиднината? Тука има толку детали, толку мајсторска големина. На пример, трагите на прегратката врз фустанот на свршеницата спаѓаат во најпотресните сцени во романот, како и моментот кога Герџиков останува пред неминливата граница, кога се носат коските на Гоце од една во друга туѓина. Како мајстор раскажувач, Миневски брилијантно се справува со материјалот; сѐ е тука и секој може да земе што сака, колку му треба и за што му треба.

Користењето на формата на фељтонот на романескно прифатлив начин дава новинарска проѕирност, која ја поседуваат, на пример, расказите на Хемингвеј и на слични автори. Тоа е она „разредено“ пишување кога белините треба да го оправдаат своето присуство. Истото чувство го имав и сега, додека го читав романот, само уште позајакнато, зашто фељтонистичкиот пристап се користи, односно фабулата се води како во некоја невообичаена постапка на текот на свеста, преку главниот јунак, кој исто така е новинар што пишува фељтони, за Гоце, но не само за него, што на целиот пристап му обезбедува веродостојност (и преку редакциската атмосфера, и преку домашната новинарска работа, што ја поддржуваат оние шилкави зборови како скролување итн., и преку сите други жанр-детали од собниот и уличниот живот). Највпечатливиот ефект од таа збрка е она што обично се именува исто со еден одвратен збор, квинување, алогично од светот на џебните Алиси, во кои раскажувачот е истовремено и внатре и надвор од раскажувањето и раскажаното, а во најдобрите случаи и свидетел за она што не може да има свидетели. Такви се оние места што се божем дилитирани, па така истовремено и постојат и не постојат, но има и други места за паметење. „Дневниот“ (разбирлив) пристап ја овозможува комуникацијата со читателите, навикнати на компјутерски ребуси, па така убаво им се продава тешката приказна со помошта на навидум лесни средства. Дополнително мајсторство е потребно кога врз фељтонистичката заднина ќе се стават оние романескни елементи, кои приказната ја креваат на повисоко рамниште и секојдневните елементи на раскажувањето ги преобразуваат во метафори и во прифатливи алегории. Таква е улогата на Бадема. Додека Фила е отаде ѕидот и како таква неопределена, Бадема е конкретен лик кој постојано се вртка по собата и, со идеја да биде „чистачка“ на историјата, фактите ги потврдува тоа што ги релативизира, со самото свое присуство, со својот реализам, со својата нагласена сензуалност, зашто во еден роман за љубовта, таа е единствената што внесува вистинска, ненагласена но токму затоа впечатлива еротичност.
Во романот на Миневски користењето на историската граѓа е на мајсторско ниво, а без авторитетно користење на историската граѓа, Андриќ, на пример, како што рековме, не би можел да ги напише ни „Мостот на Дрина“ ни „Травничка хроника“, како ни „Патот на Алија Ѓерзелез“ ни „Мустафа Маџар“ и многу други. Авторовиот пристап, кога станува збор за историски теми, а особено за личен документарен материјал, е многу посигурен одошто да се ограничи на сопствената меморија и имагинација. Во принцип, јас немам голема доверба во документите, зашто премногу влечат на своја страна, но тоа не значи дека можат да се оспорат, особено кога се автентични и лични, но, сепак, Миневски не претерува со документарното, барем во основната приказна за љубовта меѓу Гоце и Јанка. Тоа е можеби затоа што нејзината рамка е јасна: наспроти човекот-единак, идеалист, несекојдневна личност, секогаш стои противставена државата, дури и кога е своја, а камоли туѓа (во случајот, две туѓи и една замислена, виртуелна, што се замислува како своја). Сцената е добро поставена со сумарни средства: покрај него шетаат шпионите, до него стојат предавниците, а тука е и оној што ќе го убие.

Врската на Гоце со Македонија е повеќе од силна, дејствена, но неговата судбина, токму како и судбината на Македонија, е трагична од истите причини: дејството се случува на место кое – благодарение на отоманската рамка или јамка – се доживува како цел, но тоа е предел што постои само во духот. Има народ, се чини дека постои и територија населена со тој народ, но ја нема рамката што сликата ќе ја направи стварна и трајна – својата држава. Кукуш е носталгија („Да видам Кукуш“) само додека не си дома, но кога си дома, тој е обично нешто – родно место каде што ти е познат секој камен. Сѐ е толку стварно, несомнено, допирливо, навидум трајно и непроменливо. Но каде е сега Кукуш? А каде е сега, таму бил и тогаш за сите оние (а тоа е мнозинството) што сакале домата да им биде на сигурно место, во нечија држава. Народи многу, но држави малку. Секој ти дава да бидеш народ, племе, ако се прибереш во неговиот скут, но никој не ти дава држава преку која се организираат сите интереси. Гарибалди има држава што сака да ја пресоздаде, а македонскиот Гарибалди допрва треба да создаде држава во облаците, дејствувајќи во две веќе постојни, но туѓи држави. Расколот на Македонија е во таа мала разлика, да бидеш Македонец во Македонија Непостојна, Македонија од Соништата, или ти е подобро да си бидеш Македонец во некоја држава што веќе постои. Во таа смисла, како што веќе реков, трагичната судбина на Македонија најцелосно се совпаѓа со трагичната судбина на Гоце, кој бил личност, знаел што сака, но бил свесен дека – за востание не си зрел, а нема друго време за созревање, зашто Балканските војни се зад прагот, а тебе, како на маж, како на зрела и умна личност, со сите стремежи и со сета љубов во себе – ти преостанува само да ја прифатиш судбината, да ја прифатиш смртта како судбина, а идеалите и љубовта да им ги оставиш на други во аманет. А аманетите, идеално гледано, дури и кога се исполнуваат, се само бледа сенка на живиот живот и на вистинската љубов, кои, дури и да се случат, ќе се случат во друг и непрепознатлив свет. Безизлезноста на Гоцевата судбина е јадрото на неговата длабоко трагична личност, како и на исто таквата судбина на Македонија. Свеста за должноста, потрагата по вистината, и патот кон трагичниот расплет, независно од последиците, не се привилегија на револуционерен авантурист, туку на еден продлабочен ум длабоко свесен дека ослободувањето и создавањето на самостојна Македонија се единствениот пат, но дека тоа, поради стекот на трагични околности, не е можно. Алтернативите се познати. Автономијата во рамките на Империјата е утопија, зашто светот нема да го прифати тоа, ниту да го дозволи. Она што сега го карактеризира глобалистичкиот западен интерес, тогаш се совпаѓа со идејата за христијанската цивилизација, со што се задоени и најпросветените умови. Унијатството е очајничка мисла, зашто за словенскиот свет тоа не се разликува од јаничарството. Мултикултурното општество замислено од Мисирков ќе ја парчоса земјата однатре низ пропагандите, предавствата и туѓите интереси. Што останува – стремежот кон невозможното, да дадеш знак дека си тука, пред да си заминеш. Тоа е Илинденското востание. Затоа преклопувањето на судбината на Гоце со судбината на Никола Карев е важно и има функција на катарза. Тоа се тие удвоени мотиви што се нужни за вакви дела. Трагите на неговите прсти врз кадифениот фустан на саканата спаѓаат во најпотресните детали во романот, како и моментот кога Герџиков останува, сам, пред неминливата граница, кога се носат коските на Гоце – од една во друга туѓина. Судбината на семејството Кареви ја потврдува народната анегдота дека и Гоце ќе продавал семки да не загинел. Преносот на моштите во Југославија покажува што значи да имаш силна држава. Но Југославија не е државата за која сонувал Гоце, и доволно јасно е опишано колку е болен тој пат од нигде до ништо. Бугарија никогаш не би ги отстапила моштите на Македонија.

А тоа, од своја страна, покажува што значи да имаш макар третинка држава, „скриена во некаква федеративност“, отколку никаква држава или држава со „големо име, но без народ“. Романот „Ако се родат некакви чувства“ е „книга за љубовта“, која трага по одговор на прашањето дали се родиле „некакви чувства“ по чувствата, иако, според она што го читаме, јасно е дека не се родиле. Како мајстор раскажувач низ детали и асоцијации Миневски го ваја Гоце како човек што свесно ја прифаќа неминовноста на судбината и толку рано и лесно се простува од животот и љубовта, од тоа треба да екнат сите седум неба. Тука има толку детали, толку големина. На своите сестри не би им го препорачал својот пат, зашто тоа не е за секого. Тоа е како кога Антигона ќе ѝ рече на сестра си Исмена: Не го чепкај она што не си го допрела! Едип мајка му го одвраќа да не буричка по вистината, а и Јанка го одвраќа Гоце да не оди за Банско. Но дали може да се одложи патот за Банско? Според животните факти, личните особини, стремежот и судбината Гоце е голем трагичен јунак чија судбина целосно се совпаѓа со трагичната судбина на Македонија: по тоа треба да го помниме. Како што македонската книжевност ќе мора да го помни како врвно дело романот „Ако се родат некакви чувства“ на Блаже Миневски.

Академик Митко Маџунков


Второ издание на романот на Миневски

Деновиве се појави второ издание на романот „Ако се родат некакви чувства“ на Блаже Миневски, а за септември се подготвува и трето. Според Весна Мојсова-Чепишевска, универзитетска професорка, во романот на Миневски со голема умешност е засведочената љубовта меѓу Гоце и Јанка Каневче, која авторот ја споредува со големите познати љубови, некои и трагични, неостварени, страсни – како онаа на Гарибалди и Анита, Флобер и Лујза Коле, Сартр и Симон де Бовоар, Кафка и Дора, Чехов и Олга…
– Ако љубовта може да се докаже, а историјата не може да се утврди, тогаш чувствата се единствена вистина, иако Миневски како автор оперира со доволно историографски факти. Биографиите и фељтоните, а со нив и историите, им се обраќаат на читателите од сите идни времиња, фикцискиот Гоце Делчев му се обраќа исклучиво на своето „Јас“! Или, овој фикциски Гоце Делчев е сето она што не можел да го каже историскиот Гоце Делчев! Во нашата колективна меморија љубовта на Делчев и Каневче има, или треба да има, значење какво што имаат големите љубовни приказни во другите култури. Зошто? Затоа што преку оваа приказна можат да живеат и други, важни димензии на личноста на Делчев, кои ги нема во историските читанки. Во тој простор на слобода е создаден овој антологиски роман на Блаже Миневски – пишува Мојсова-Чепишевска.