Потпишан договор за соработка со Германскиот археолошки институт
На еден од најзначајните археолошки локалитети во нашата земја, Скупи, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и Лукас Вертер од Германскиот археолошки институт потпишаа меморандум за соработка со Германскиот археолошки институт, меѓународна научна институција со долгогодишна традиција и светски признаени резултати во областа на археологијата.
– Ми претставува особена чест и задоволство што денеска токму на локалитетот Скупи го потпишавме овој значаен документ. Со оваа соработка се отвораат нови перспективи за нашите јавни музејски и научни установи, кои преку посебни договори ќе имаат можност да воспостават партнерства со оваа реномирана институција и да реализираат заеднички археолошки истражувања – изјави министерот Љутков.
Археологијата беше посочена како значаен сегмент од културно-историскиот мозаик на нашата земја и непроценливо наследство за идните генерации.
– Ние сме должни да го истражуваме, да го заштитиме и да го афирмираме тоа наследство бидејќи секој археолошки наод е жива врска меѓу минатото, сегашноста и иднината – нагласи министерот.
Особено е важно што интензивната комуникација со Римско-германската комисија при Германскиот археолошки институт, кој е под надлежност на Федералното министерство за надворешни работи на Германија, денеска е заокружена со документ што ќе овозможи размена на искуства, знаења и методологии на еднакво партнерско ниво.
– Овој меморандум претставува силна основа за унапредување на стручната и научната афирмација на нашите археолошки откритија, преку примена на современи методолошки принципи, обработка на материјални докази и нивна промоција во меѓународен контекст – изјави министерот.
Истовремено, соработката ќе придонесе за развој на културниот туризам како една од стратешките насоки на европската културна политика во 21 век, со што археолошките локалитети ќе добијат нова димензија – како научни, но и како туристички атракции што ја раскажуваат историјата на нашата земја пред светот.
На настанот беше потпишан и втор документ од страна на Музејот на град Скопје и директорот Панче Велков со Римско-германската комисија при Германскиот археолошки институт, со што започнуваат првите конкретни чекори во рамките на оваа долгорочна соработка.
– Убеден сум дека ова партнерство ќе донесе значајни резултати, нови научни сознанија, унапредени стандарди во археолошките истражувања и поголема меѓународна промоција на нашето културно наследство. Тоа е заеднички успех, кој не само што ја зајакнува нашата културна дипломатија туку и создава основа за идни генерации истражувачи, кои ќе продолжат да го пишуваат археолошкото и културното поглавје на нашата држава – потенцираше министерот Љутков.