Рецензија
- Кон претставата „Носорог“, по драмскиот текст на Ежен Јонеско, во режија на Васил Василев, а во продукција на Албанскиот театар од Скопје. Главни улоги: Шкељќим Ислами, Абедин Алими, Гентиана Рамадани, Висар Етеми, Осман Ахмети
„Осаменост… тоа не е само недостаток на луѓе. Не. Тоа е заглушувачко присуство. Присуството на себеси. Ја слушаш крвта како тече, мислите како крцкаат како ’рѓосани шарки. И се плашиш. О, колку се плашиш. Не од темнината, не од чудовиштата под креветот. Се плашиш дека еден ден сите ќе зборуваат различен јазик. Јазик што не го разбираш. Ќе пеат песни чија мелодија те иритира. И тогаш ќе сфатиш дека тие не се промениле. А ти. Остануваш. Сам. Последен. И твојот најголем страв не е дека ќе те смачкаат… туку дека ќе почнеш да ги сакаш. Дека ќе сакаш да бидеш како нив. Тогаш си изгубен. Тогаш си навистина сам…“ Ова не се зборови на Ежен Јонеско, големиот татко на апсурдот во драмската уметност, туку на режисерот на претставата Васил Василев, кој поставувајќи го овој по многу нешта симптоматичен драмски текст на сцената на Албанскиот театар во Скопје ни понудува едно суптилно толкување на отуѓеноста во светот каде што блискоста значи измама, а емпатијата скриена омраза. Неговиот концепт започнува од едноставноста на исповедта, за преку динамиката на социјалната панична матрица да се закотви на љубовните недоразбирања и човековото претворање во носорог.
Имагинативноста на ова режисерско видување како да ја прелева самата претстава од реализмот кон апсурдизмот, за преку ирониските пасажи на актерските партии повторно да се врати кон еден многу истоштен сурреализам, кој нè потсетува на тоа дека варваринот не е далеку, дека тој е тука, до нас. Ова видување на Васил Василев на Јонесковата драма има филозофска подлога, која емотивните контексти ги иронизира преку многу лежерната тектоника на целото дејство од чии сублимати, всушност, и ние како гледачи се обидуваме да го метаболизираме нашиот аспект, нашето гледиште кон базичните недоразбирања во време на сериозно поместување на човечките вредности. Сакајќи да го препознаеме варваринот преку носорогот, всушност, низ ова режисерско гледиште се препознаваме себеси во една недозреаност, која повремено, но многу често, нè исфрла од хуманиот контекст. Затоа, мудрата режисерка палка на Васил Василев инсистира на тоа да го побараме варваринот во себе, најмногу низ нашата беспричинска осаменост и длабоко фундирана отуѓеност.
Актерската енергија во оваа претстава инсистира на прецизно исцртани ликови, но и на една извонредна компактност, која успева да ја изведе на површина и целата тивка иронија на Јонеско. Кога мислам на тоа, мислам пред сè на главниот лик, Беранже, кој многу често го има во драмските текстови на Јонеско, кого одлично го толкува младиот актер Шкељќим Ислами, кој низ овој лик отелотворува жртва на цивилизациско недоразбирање, на варварското јадро на човекот чиј имагинариум е сосема заслепен од безидејноста и несфатливоста на својата егзистенцијална суштина. Низ сјајното водење на својата говорна партитура, овој актер изгради лик чија филозофска структура е повеќе од транспарентна, со емотивна констелација што воодушевува најмногу затоа што овој талентиран актер ја провнува низ тенките процепи на резонаторството, со еден збор Шкељќим Ислами доловува лик на ововременски млад човек, изгубен низ лавиринтите на недоследноста на човештвото, не можејќи да ја пронајде ниту својата љубов, а ниту пак својата животна цел. На оваа прекрасна актерска креација ќе ја додадеме и онаа на Абедин Алими, чиј Жан со себе носи една животворност, една елегантна комика со тажна фундираност обликувана со голема актерска умешност, која на некој начин, како антипод на Беранже, нè потсетува на надежта или можеби на илузорноста. Триаголникот на главните ликови го надополнува и Гентиана Рамадани, чија Дејзи има вкус на американска девојка што само што се разочарала од големата депресија, но совршено глазирана со една ововременска неприспособеност и несфатеност во љубовните пасажи. Извонредно талентирана актерка, која со својата голема актерска умешност донесува несекојдневен и особено комплексен женски лик чија уникатност плени. Размислувајќи подолго по гледањето на оваа претстава, речиси и не можам да се сетам на друг толку чудно карактерно лоциран женски лик, кој функционира и како реалистичен, но и како ирониско-апсурден.
Овде морам да напоменам дека сите тројца главни актери, навлегувајќи во психологијата на своите ликови, успеале да најдат начин да ги артикулираат таа апсурдност и цинизам на кои инсистира и Јонеско, а во некоја рака и режисерот Василев, што е огромен актерски успех. Во другите улоги, секој со својата карактеризација, но и колективно, како совршено компактна актерска структура настапија и: Висар Етеми (Дидар), Осман Ахмети (Филозофот), Вјолца Бектеши Хамити (Новинарката), Музбајдин Ќамили (Господинот Старец), Аида Алидеми (Домаќинката), Аида Елези (Келнерката), Блерим Дардишта (Продавачот), Дрита Каба Карага (Продавачката), Генци Мирзо (Господинот Папијон), Бејтула Керими (Ботар), Едлир Османи (Снимателот), Нихал Беџети (Опионионстката) и Хетем Етеми (Писателот)
Еден од најинтересните сегменти на претставата е визуелниот сегмент, кој излегува и повторно влегува во мракот на осаменоста на главниот лик, кој изговарајќи ја сивата максима на отуѓеноста, на празна сцена со само два стола, ни ја најавува чудната сценографија, која низ боите и конструктите нѐ потсетува на тоа дека апсурдот има повеќе лица, една чудна сценска архитектоника и многу леко колорирани, но особено доминантни костими на Марија Кунчева, кои низ артистичното светло на Росен Михајлов нè одведуваат во еден свет чие патинирано минато одлично кореспондира со сивата дистописка недофатливост. Секако, музичката илустрација на Милен Апостолов носи една динамика, која како аудитивна прегратка го заокружува режисерскиот концепт со својата длабока филозофска тематизираност.
Дејзи во еден момент вели: „Никогаш не знаев дека си толкав реалист – мислев дека си попоетичен. Каде е твојата имагинација? Постојат многу страни на реалноста. Избери ја онаа што е најдобра за тебе. Побегни во светот на имагинацијата“. Ликовите на Јонеско во „Носорог“ се жртви на лошо детерминираната имагинативност, која не можат да ја разликуваат од здодевниот секојдневен живот. Во неговиот „Неплатен убиец“ смртта останува како излез, кој е исто така една имагинативна замка, која пак, од друга страна, Васил Василев во оваа претстава ја решава со превртување на реализмот во она што го индицира и неговото име: реалното време, кое минува низ нас, а не покрај нас, што е уште попроблематично, ако се обидуваме да ги артикулираме сите наши недоветности, несфатености, некомпетитивности, со еден збор сите наши недоброј нестабилности. Пораката и на Јонеско и на Васил Василев, а особено на актерите на оваа прекрасна претстава, се однесува на варваринот во нас, на нашата добро скриена бестијалност, но и на нашата недофатлива вљубеност, која, за жал, во грешниот дваесет и први век е сè подалеку од нашето срце.
Сашо Огненовски
































