Доделена наградата на Еуримаж за копродукции

Македонската продуцентка и актерка Лабина Митевска е добитничка на годинашната Награда за меѓународни копродукции од Еуримаж и од Европската филмска академија. Лабина Митевска е еден од основачите на семејната продуцентска куќа „Сестри и брат Митевски“ од Скопје.
– Оваа награда ѝ се доделува на Лабина Митевска како почит кон дарбата на една семејна продукција, страсно посветена на европската кинематографија. Се наградува мајсторската изработка на висококвалитетна кинематографија постигната преку многубројни извонредни меѓународни копродукции, кои се гордост на фондот Еуримаж – се вели во одлуката.
Наградата ја потврдува клучната улога на копродукциите во зајакнувањето на меѓународната размена и претставува награда од национален интерес за македонската кинематографија.
– Да се добие оваа награда е потврда на повеќегодишниот, повеќедеценискиот труд на највисоко професионално ниво. Ова е доказ за изградената врвна репутација на Лабина Митевска како бескомпромисен борец за филмската уметност, за почитта што ја ужива од колегите во Европа, без дамка во својата кариера и пример за професионалност и посветеност. Наградата се доделува од најистакнатите и најзначајни филмски асоцијации во Европа и наедно е награда и за македонската кинематографија – изјавија од продукцијата.
Копродукциите се неминовност за филмската продукција во Европа и Лабина во својата забележителна продуцентска кариера има остварено успешна соработка со доверливи соработници од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Франција, Белгија, Германија, Шведска, Данска, Турција, Романија. Речиси сите филмски проекти на кои има работено и како мнозински и како малцински копродуцент се избрани во селекциите на трите најголеми филмски фестивали, Берлин, Венеција, Кан, и се наградувани и прикажувани низ светот.
– Нека светлината на оваа награда биде патоказ во овие мачни времиња низ кои проаѓаат филмските професионалци во Македонија и потврда дека со чесност, посветеност, одговорност и многу труд сѐ е можно. Оваа награда е уверение дека ѝ припаѓаме на Европа кога работиме европски – изјави Лабина Митевска, која ќе биде почесна гостинка на гала-приемот на 37. Европски филмски награди на 7 декември во Луцерн, каде што лично ќе ја прими доделената награда. В.Д.