Самостојна изложба на уметницата Христина Иваноска

Самостојна изложба на уметницата Христина Иваноска насловена „Џинови и снегулки“ е отворена во Музејот на Македонија. Оваа изложба е дел од проектот „Архиви на невидливите 3.0“, поддржан од фондацијата „Хајнрих Бел“ и Министерството за култура на Македонија и е реализирана како соработка помеѓу Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК) и 12. издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“,
Насловот на изложбата „Џинови и снегулки“ реферира на истоимената поема од книгата поезија „Егејска барутна бајка“ на писателот Славко Јаневски, која е објавена во 64. број на „Македонка“ од 1950 година.
Христина Иваноска, преку својата уметничко-истражувачка практика, се фокусира на прашањата за потиснување, контрола и конструирање на колективната меморија во однос на стратегиите и политиката на отпор на жените. Таа создава објекти, текстови, цртежи, видеа, перформанси и инсталации, честопати работејќи интердисциплинарно, и критички ги истражува искуството на денешните социјални и политички системи и нивната врска со теоријата и историјата. Иваноска ѝ дава важност на рачната работа, како што се везот, ткаењето, грнчарството и пачворк-техниката, како медиум на политичка и социјална вредност преку кој се изразени индивидуална борба и ограничувања. Нејзините дела биле изложени во многубројни значајни институции и независни простори во земјава и во странство. Во моментов Иваноска е докторска кандидатка на Академијата за ликовна уметност во Виена. Заедно со Јане Чаловски, во 2024 година, се основачи на платформата за уметничко истражување и кураторски практики „Проектен простор Прес ту егзит“ во Скопје.
Славчо Димитров, кој ѝ беше соговорник на Иваноска низ процесот на создавањето на оваа изложба, е автор на текстот за изложбата.

– Ако пишувам за уметничката пракса на Христина Иваноска, пишувам затоа што таа секогаш се испречува пред мене и ме заведува со мешавина на чувства помеѓу нелагодност и љубопитност. Неудобност и тешкотија што ја одржуваат дистанцата кон нејзините дела, како нужна за да го одложи или оневозможи нивното врамување во веќе постојните рамки на практична, целисходна и афективна навика на препознавањето, додека истовремено го поместуваат моето тело принудувајќи ме да ги изместам и приспособам моите перцептивни, идејни, чувствени схеми и параметри на разбирање привлечен од силата на лудата љубопитност, зачуденост и восхит од ветувањето што го нуди другоста, новото, или ексцесивната непознатост на хоризонтот што го отвораат нејзините дела. Оваа нелагодност и сетилна/интерпретативна неволја во која ме навлекува и афективно наштимува и оваа најнова изложба на Иваноска произлегува од соочувањето со ужасно познати и препознатливи материјали, како што се текстот, писмото, знаците, буквите, текстилот, везот, сликите, фустанот, традиционалните историски референци, женските работни пракси, цветовите итн. од една страна, и нивното отворање, дуплирање, преклопување, отсекување, нелинеарност, контекстуално изместување, деконструирање, естетско трансформирање, историски критичко прераскажување или фабулирање, и темпорално и семантичко наслојување/расејување, од друга страна. Како богохулна верничка и непослушна ќерка, Иваноска знае дека соочувањето со сегашноста и замислувањето поинаква иднина е невозможно преку репродукција на изабените, истрошените, неподносливо досадни и истрајно насилни големи историски маскулинистички наративи за џиновите на нацијата. Потребен ни е поглед наназад кон „сѐ уште неосвестените“ капацитети и нереализирани ветувања и алтернативни имагинации на ефемерните и кревки ко снегулки траги на женската историја, со пристап обележан и со иронија свесна за противречности што не се решаваат во поголеми целини, дури ни дијалектички, за напнатоста на држењето на некомпатибилните нешта заедно, бидејќи и двете или сите се неопходни и вистинити, бидејќи иронијата вклучува и хумор и сериозна игра – вели Димитров.