Фото: Стојан Кукунешоски

Меѓународната книжевна манифестација „Струшки книжевни средби“ изминатиот викенд се одржа по јубилеен десетти пат во Струга и во Вевчани.
Манифестацијата почна со посета на поетите на Вевчани, а во главната црква „Св.Никола“ се одржа поетската средба „Од еден до друг брег“ ( Од једне до друге обале ), како што е насловена заедничката поетската збирка со творби од македонски и хрватски поети.

Застапени се вкупно 28 автори, по 14 од двете земји, од Охридско – струшката и Риечката ревиера. Збирката песни е издадена од Здружението за литература, култура и уметност „Бран“ од Струга, инаку организатор на „Струшјите книжевни средби“, а во соработка со „Книжевното перо“ од Ријека.

Промотори на ова заедничка збирка на македонско – хрватски поети беа Васил Тоциноски, кој го напиша и предговорот на оваа книга, Димче Шипинкароски и Мишо Китаноски.

Македонски поети застапени во книгата на хрватски јазик се Јован Стрезовски, Видое Видичевски, Мишо Китаноски, Милутин Бебекоски, Јован Негриески, Анастас Ќушкоски, Петко Шипинкароски, Ранко Ристо Бебекоски, Смиле Наумоски-Брсјак, Тоде Илиевски, Миладин Угреновиќ, Витомир Долински, Зоран Јакимоски и Мерсиха Исмајлоска.

Во Струга, делегација од учесниците со најтесното семејство го посетија вечното почивалиште на истакнатиот македонско-струшки поет, писател, есеист и книжевен критичар, Петко Шипинкароски, основач на „Струшките книжевни средби“, каде што му беше оддадена почит со полагање свежо цвеќе и пригодно обраќање.

Во попладневните часови, во хотелот „Белград“ беше одржана промоција на најновото јубилејно 20. издание на Списанието за литература, култура и уметност „Бранувања“, овојпат целосно посветено на првиот уредник и издавач Петко Шипинкароски. Промотори на овој број „Бранувања“ беа Христо Петрески, претседател на Друштво на писатели на Македонија, младиот поет Димче Шипинкароски и новинарот, публицист, писател и голем пријател на покојниот Петко Шипинкароски, Мишо Китаноски, кој воедно одржа беседа во негова чест насловена „Бесда за човекот вреден како пчела и работлив како мравка или неиспратено писмо до мојот пријател – писател Петко Шипинкароски“. Модератор на настанот беше Верица Мукоска.

Сопругата на покојниот Петко, Крста Шипинкароска, на истакнатиот струшки новинар, кој пишувал за „Нова Македонија“, Наум Бајо, му го врачи признанието за „Животно дело“.

Фото: Стојан Кукунешоски

Исто така, Димче Шипинкароски, на Никола Шимиќ Тонин од Задар, Хрватска, му ја врачи награда за „Посебни книжевни остварувања за творци од странство“.

Со настапот на учесниците, кои испратија творби на конкурсот посветен на Петко Шипинкароски, беа затворени десеттите „Струшки книжевни средби“.

Ст.К.